Планинската спасителна служба – ПСС, при Црвен крст Охрид,  реагира на вчерашните изјави на Градоначалникот и советничките групина СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, во врска со неизгласувањето на градскиот совет на Предлог одлуката  за финансиска поддршка на професионалната едица за спасување на планини и непристапни терени. Според ПСС властите и политичките субјекти во советот на Град Охрид немаат став, односно не се заинтересирани за ова прашање, а постои сомнеж дека се можеби под влијание на некакви центри на моќ.

Веруваме дека Градоначалникот има искрени намери и сериозно смета дека треба да се изнајде решение за одржливоста на Службата, но не можеме да се согласиме со изјавата дека Црвен крст Охрид или Планинската Спасителна Служба барале средства за плати на волонтерите. Исто така, не можеме да се согласиме ниту со изјавите на координаторите на советничките групи, кои беа цитирани од страна на медиумите, во кои според едните „тие не добиле прецизни финансиски показатели, за тоа колку чини функционирањето на Службата и со кој дел би учествувала општината во вкупните трошоци“, а според другите дека „се изјасниле воздржано од единствена причина, што предлог одлуката не поседувала финансиска конструкција и јасни показатели, во однос на точната намена на средствата кои се бараат да бидат доделени од општинскиот буџет“. Од овие изјави, единствено може да се заклучи, дека советниците од власта и од опозицијата или воопшто не се заинтересирани за ова прашање или делуваат под влијание на други центри на моќ, кои им диктираат како треба да гласаат. – истакнуваат од ПСС.

Според ПСС, барањето за поддршка на Службата се темели на деталните анализи и проценки содржани во Студијата за финансиска одржливост, на која работеле врвни експерти од соодветната област, согласно кои општините би требало да учествуваат со 50% во вкупниот буџет на Службата, државата во иднина, преку Дирекцијата за заштита и спасување (или во друга форма) со 30% и 20% Службата би обезбедувала од донации и дополнителни услуги. Во вкупната пресметка на буџетот, покрај материјалните трошоци за одржување на целокупниот систем, предвидени се и трошоци за осигурување, стручно усовршување и покривање на трошоците на волонтерите кои ги прават за време на редовните тренажни активности и спасителните операции, трошоци кои во случајов, за жал, намерно или не, поединци ги мешаат со терминот „плати“, велат од ПСС.

До овој момент, Службата не добила ни денар од локалните власти во изминатите 19 години и сѐ што е постигнато, е постигнато благодарение на ентузијазмот на волонтерите, кои покрај својата пасија за алпинизам, планинарство и спасување на човечки животи, професионално и интелектуално се реализирани личности и докажани професионалци во своите области (инженери, архитекти, адвокати, лекари и сл.), кои не очекуваат „плата“ како награда за она што го прават доброволно, туку очекуваат соодветен третман и грижа за нив, од системот во кој го вложуваат сопственото здравје. Нивниот ентузијазам и несебично залагање, во Охрид донесоа инвестиции од Европските фондови и изградија ефикасен систем, за чии резултати и финансиско работење добивме највисоки оценки од страна на донаторите. Очигледно овој систем на европски вредности советниците не можат или не сакаат да го разберат, иако како што изјавуваат се свесни за неговото значење. – посочуваат од ПСС.

Планинската спасителна служба укажува дека всушност советот со својата воздржаност на последната седница во однос на Предлог одлуката за финансиска поддршка на Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид,, веќе се изземал од можноста за истото повторно да одлучува, со оглед на тоа што согласно деловникот, истата точка не смее да биде повторно на дневниот ред на советот во следните 6 месеци, период во кој нивниот мандат веќе ќе биде истечен.

На крајот, може само да заклучиме, дека овој состав на Советот на општина Охрид, две години (половина мандат) остана без став, во однос на важноста и значењето на Планинската Спасителна Служба за локалното население и за туристичкиот сектор, по што ќе биде запаметен во историјата на Планинското спасување во Охрид, но и во државата. – велат од ПСС.

Од ПСС најасуваат дека ќе продолжат и понатаму да ја обавуваат својата дејност со несмалено темпо, бидејќи, како што стои во соопштението за јавност, прогресот и напредокот на општеството го носат ентузијазмот и стремежот кон високи цели, компарирани со високите светски достигнувања.

На тој пат, сакаме да ги поттикнеме и да ги мотивираме останатите колеги, ентузијасти од другите дејности, активно да се вклучат во градењето на здраво општество и заедно, очигледно низ долготраен процес, да ги едуцираме идните генерации политичари и советници, за вредностите кои егзистираат во развиениот свет, а кои е неопходно да се имплементираат и кај нас, доколку сакаме да сме дел од светот. Тука сме, да им помогнеме на сите кои ја разбираат и сакаат да се дел од оваа мисија, бидејќи како што имаме кажано многу пати до сега, ние така го разбираме патриотизмот. – истакнуваат од ПСС.

OhridNews