Пукнатата водоводна цевка со пречник фи-300, која вчера предизвика поплава во населбата Охридати, била под притисок од речиси 7 бари, изјавија за OhridNews, стручни лица кои работеа на отстранување на дефектот, поради кој голем дел од градот остана без вода за пиење. Големиот кратер кој се создаде во дворот на зградата на ул. „Асном“ каде се случи дефектот, говори за разорната сила на водата која под голем притисок за кусо време поплави повеќе станови.

-Цевката пукна во 9.30 часот и водата буквално извираше од земја, бликаше преку оградата во дворот и навлезе во станот на еден од соседите, како и во околните објекти. Страшно беше. – изјави очевидец за OhridNews.

Екипи на Водовод до доцна вечерта работеа на отстранување на дефектот, поради што имаше прекин во водоснабдувањето во делови од Охрид, а од безбедносни причини во поплавените згради во населбата Охридати исклучена беше и електричната енергија. Претставници на осигурителна компанија вршеа проценка на штетите, кои се големи.

Стручни лица уште при изградбата на населбата Охридати пред повеќе години предупредуваа на можната опасност од евентуален дефект на главната водоводна цевка која поминува низ дворововите од зградите на ул. Асном, а некаде и под нив, што го отвора прашањето за безбедноста на граѓаните кои живеат во овој дел од градот. 

OhridNews

Пукна главна водоводна цевка, поплавени повеќе станови во населбата Охридати (видео + фото)