Малигните неоплазми со учество од 20-25% се наоѓаат на второ место по причина за смрт во развиените земји во светот, веднаш по кардиоваскуларните болести, кои пак учествуваат со околу или над 50% во структурата на морталитетот. Ракот во моментот е одговорен за речиси еден од шест смртни случаи на глобално ниво. Секоја година кај повеќе од 14 милиони луѓе се дијагностицира рак, и оваа бројка се очекува да се зголеми на повеќе од 21 милиони до 2030 година. Во Р. Македонија после болестите на циркулаторниот систем малигните неоплазми се втората најчеста причина за смрт, истакна директорот на Институтот за јавно здравје, Шабан Мемети, по повод 4 февруари, Светскиот ден на борбата против ракот.

-Во 2010 година од рак умреле 3705, а во 2016 година 3882 лица, додека стапката на морталитет се движи од 180,3 на 100000 население во 2010 година до 187,3%000 во 2016 година. Мажите двапати почесто почесто умираат од карциноми. Кај мажите најчеста причина за смрт од малигни неоплазми е малигната неоплазма на бронх и бел дроб со стапка на морталитет која се движи околу 65 починати на 100000 мажи годишно. Кај жените најчеста причина за смрт е малигната неоплазма на дојка. Стапката на морталитет се движи околу 30 на 100000 жени. – рече Мемети.

На Светскиот ден на ракот, имаме можност колективно да ги анализираме стратегиите за контрола на ракот за да ги идентификуваме победничките формули кои ќе го забрзаат напредокот. Целта на сите нас е што помалку луѓе да развијат рак, повеќе луѓе успешно да бидат третирани и да се обезбеди подобар квалитет на живот на луѓето во текот на третманот и подоцна во текот на животот, додаде Мемети.

Инаку, сѐ почесто се регистрираат случаи на заболени од рак на возраст од 25 до 34 години, а зголемен е и бројот на заболени од 15 до 24 години. Најмногу заболени од карцином има во Пелагонискиот регион, по кој следат Полошкиот и Скопскиот регион. Експертите посочуваат дека најчести причини за заболувањето од рак се пушењето, но и аерозагадувањето.

Светските агенции денеска ударно ја пренесоа веста од САД, дека научници од Универзитетот Стенфорд развиле вакцина која поттикнува имунолошка реакција на организмот и се напаѓаат сите тумори кои евентуално метастазирале. Вакцината е во фаза на напредно тестирање.

OhridNews