Градоначалникот на Струга Рамиз Мерко беше избран за претседател на новиот состав на Советот за развој на Југозападниот плански регион на првата конститутивна седница.

Мерко нагласи дека очекува континуитет во регионалниот развој, и поголема поддршка во реализацијата на проекти што ќе придонесат за намалувањето на диспаритетите меѓу регионите во државата, како и во нивните рамки.

Како што беше истакнато на денешната седница, од околу 126 милиони денари, средства што се планирани да се реализираат во следната година преку Центарот за развој на Југозападниот плански регион, се очекува околу 115 милиони да бидат пласирани во деветте општини, со цел да се подобрат условите за живот.

Поголемиот дел од средствата се обезбедени националниот буџет, преку Бирото за регионален развој и другите линиски министерства, а останатите се од донаторската заедница.

Во тој контекст ќе биде продолжена соработката со Швајцарската агенција за развој и соработка, информираше претставникот на Проектната единица од Проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“, Сара Османи. Таа нагласи дека  на ниво на Регион ќе бидат  поддржани инвестициски проекти во висина до 300 илјади швајцарски франци и дека наскоро ќе бидат потпишани договорите за реализација.

Инаку, денеска се одржа и конститутивна седница на Советот за здравствена заштита на Југозападниот плански регион, а за претседател беше избран градоначалникот на Општина Македонски Брод, Жарко Ристески.

 

OhridNews