Во текот на денешниот ден се вршеше техничко тестирање и работи во однос на безбедноста и сигурноста за престојното вклучување на камерите од „Безбеден град“ кај Рача, на патот Охрид – Свети Науми, и на влезот во Охрид од Битола.

На подрачјето на СВР Охрид засега во функција се само камерите кај Ново Село, додека на другото подрачје се врши техничко тестирање и очекувањата се целосно да бидат во функција до шпицот на туристичката сезона.

Денес се вршеа технички испитувања во однос на подготвеноста, исправноста и функционалноста на камерите на овие две локации. Истите се завршени. Во зависност од оценките и препораките на стручниот тим се очекува наскоро вклучување и активно функционирање на камерите на „Безбеден град“ (Safe City) и на овие патни потези, информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

Дополнително, посочува, паралелно ќе се врши и техничко испитување и на другите камери, како на подрачјето на Охрид, така и во Струга.

Очекуваме во пресрет на летниот туристички шпиц да имаме активно целосно функционирање на „Безбеден град“, потенцира Димоски.

Преку системот „Безбеден град“ поставени се околу 40 софистицирани камери на сите позначајни сообраќајници, на влезовите и излезите од градот кон Битола и Скопје, по автопатот кон Кичево, на патот кон граничниот премин Св. Наум, како и на најфреквентните улици во градот, меѓу кои булеварите „Туристичка“ и „Железничка“. Посебно се опфатени и делниците кон плажите, каде во летниот период се бележи зголемен сообраќаен интензитет.

Целта е подобрување на сообраќајната безбедност, намалување на ризикот од сообраќајни незгоди, особено со тешки последици, смирување на сообраќајот и развивање на сообраќајна култура.

Н.С.Ј.