Механизација го отстрани асфалтот на игралиштето кај средното економско училиште „Св. Кирил и Методиј“. Како што дознаваме на овој простор ќе се гради повеќенаменско спортско игралиште.
Рекреативците кои посетуваат тренинг во училишната спортска сала велат дека ги изненадила глетката, дотолку повеќе што асфалтното игралиште беше во добра состојба. Збунети беа и дел од спортските работници, тренери и професори кои држат часови и тренираат рекреативни групи во училишната сала. И едните и другите коментираат дека е многу потребна реконструкција на училишната сала, која треба да се модернизира и да се замени дограмата на објектот каде можат да се вршат спортски активности при секакви временски услови. Дополнително тие стравуваат дека со преземените градежните зафати за отстранување на асфалтот од отвореното игралиште се предизвикани оштетувања на затворената спортска сала.
OhridNews уште утрово ја контактираше службата за односи со јавност на локалната самоуправа за повеќе детали во врска работите на отвореното спортско игралиште кај средното економско училиште, од каде по неколку часа не упатија на други служби, кои пак, поради презафатеност, најавија дека ќе ја запознаат јавноста со проектот во понеделник.
OhridNews

















