Италијанската влада донесе одлука да се блокира пристапот до градовите во кои има најмногу заразени од коронавирус, откако бројот на инфицирани во земјата нагло се зголеми, јавуваат светските агенции. Под одредена изолација ќе се најдат десет градови и општини во регионите Ломбардија и Венето, на северот од Италија, каде бројот на заразени нарасна на 132, а две лица починаа.

Целта е да се изолира заразата, а тие што нема да се придржуваат до мерките ќе бидат уапсени, пренесува италијанскиот весник „Кориере дела Сера“.

Премиерот Џузепе Конте изјави дека полицијата ќе ги контролира влезовите на градовите кои се во изолација, а доколку биде потребно ќе биде ангажирана и армијата.

Стадионот „Џузепе Меаца“ („Сан Сиро“) во Милано, каде натпреварите ги игра калчолигашот Интер

Италијанската влада ги откажа сите спортски натпревари во Ломбардија и Венето, вклучително и два меча од Сериа А: Интер – Сампдорија и Верона – Каљари. Градот Венеција, пак, каде во тек е познатиот карневал, најави дека ќе бидат воведени дополнителни рестриктивни мерки и дека утре најверојатно нема да има карневал.

Г.М.