Според претходните податоци на Државниот завод за статистика, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Македонија, во периодот јануари-ноември 2016 година, изнесува 241 950 630 илјади денари и бележи пораст од 5.4% во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увезената стока, во периодот јануари-ноември 2016
година, изнесува 339 520 438 илјади денари што е за 5.2% повеќе во споредба со истиот период од претходната година.

Трговскиот дефицит, во периодот јануари-ноември 2016 година, изнесува 97 569 807 илјади денари. Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари-ноември 2016, изнесува 71.3%. 

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, фероникелот и облеката. Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав и електричната енергија.

Во периодот јануари-ноември 2016 година, според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Република Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и Бугарија.

OhridNews