Игор Трајкоски, роден на 24.03.1981 година, оженет е и татко на две деца. По професија е дипломиран инженер Биотехнолог, завршил на Факултетот за Биотехнички науки во Битола, каде запишал и магистерски студии, студиска програма-контрола и квалитет на храна. Од 2009 до 2013 вработен во Министерството за животна средина на работно место Државен инспектор за животна средина во Охрид, а од 2013 е градоначалник на општина Дебрца. Кандидат за градоначалник на Дебрца од ВМРО ДПМНЕ е и на овие локални избори. Во разговор за OhridNews, Трајкоски открива кој бил неговиот мотив по втор пат да се кандидира за прв човек на општината, која е неговата визија за развој на Дебрца, како ќе ги реши проблемите со кои се соочуваат жителите.

 

 

ON: Што Ве мотивираше да се кандидирате за градоначалник на Дебрца?

И. Трајкоски: Мотивацијата претставува главен двигател кон постигнување на што подобри резулати. Дали се работи за приватниот живот, дали во професијата или во било која област. Мотивацијата е особено изразена во политиката, бидејќи ако имаме искрен пристап тогаш мотивацијата е само чекор кон остварување на целите. Токму поради тоа, имајќи во предвид дека општина Дебрца е општина во која навистина има многу работа за подобрување и осовременување на стандардите, започнавме огромен број на проекти- јас и мојот тим во претходниот мандат. Многу од нив успеавме да ги реализираме, но дел треба да се довршат, а во нашата програма исто така имаме голем број на проекти кои треба да ги започнеме. И сето тоа за општо добро на општина Дебрца. Токму тоа општо добро на Дебрца е главниот мотив за мојата повторна кандидатура за градоначалник. Не постои поголем мотив од тоа жителите на општината со која градоначалствуваш да се задоволни и да ви даваат поттик за понатамошна успешна работа.

ON: Каква е Вашата визија за општината, што прво ќе направите доколку ја добиете довербата од граѓаните?

И. Трајкоски: Мојата Визија за општина Дебрца е јасна и очигледна преку првиот мандат како градоначалник. Да создадеме современа и модерна општина, но воедно да ги задржиме традиционалните и етно примеси кои кај нас ги има во изобилие. Но, за да се направи тоа потребно е време и многу напорна работа. Особено ми е важно задржувањето на младите или нивно враќање во родното огниште каде што ќе имааат и егзестенцијални потенцијали и каде што ќе можат да живеат складен живот. Но за тоа, покрај сите основни ресурси потребни се многу други проекти преку кои би се креирале и работни позиции, би се создале услови за дополнителни активности и сл. Затоа мојата визија за општина Дебрца е тесно поврзана со стратегијата за развој која ја имаме за Дебрца и која треба да се реализира во целост доколку се добие и вториот градоначалнички мандат. Од особена важност е континуитетот на текот при реализација на проектите кои ќе ја осовременат општината и ќе можеме да ја спроведеме стратегијата за Дебрца.

ON: Каква локална самоуправа може да очекуваат граѓаните доколку вие ја водите?

И. Трајкоски: Локалната самоуправа претставува една сложена компонента креирана од различни сектори, дејности преку кои допираме до секој сегмент од општественото делување во Дебрца. Она што е значајно е дека граѓаните го согледуваат преродбеничкиот процес кој е започнат и е во тек во општината. Тоа не доаѓа само од себе, за тоа се потребни стручни служби, луѓе со знаење, обуки преку кои ние ги согледавме нашите потенцијали и за искористување на различни фондови со развој на општината. Во најмала рака таквата преродбеничка локална самоуправа ќе има свое продолжение со поголем интензитет и со видливи резултат. Локална самоуправа која е транспарентна и отчетна, локална која се грижи за потребите на своите граѓани. Доколку не е така, не би се заложил за уште еден мандат.

ON: Општина Дебрца е голема по територија, но не и по население. Луѓето особено во горна Дебрца се иселени или се иселуваат, како може да се променат ваквите демографски процеси?

И. Трајкоски: Веќе напоменав во претходното прашање дека за вистински развој на општина Дебрца потребен ни е главниот двигател, а тоа е младата популација. Но за да ги спречите иселувањата внатрешни или надворешни вие морате да создадете и услови за нивно останување. Тоа беше и дел од нашата стратегија, преку отварање на работни места, индустриски зони каде што младите ќе пронајдат можност за опстојување. Развојот на туризмот исто така го сметам за еден од значајните гранки преку кој, дали како главна или дополнителна дејност, би се занимавале жителите на Дебрца. Да не зборуваме за огромниот и препознатлив земјоделски аспект кој Дебрца го поседува за секој онај кој ќе се насочи кон таква дејност. Тука спаѓаат и субвенции и голем број на мерки кои сме ги вовеле или дополнително ќе ги воведеме за спречување на иселувањето преку создавање соодветни адекватни услови. Дебрца колку и да е убава, колку и да е голема, не значи ништо без млад потенцијал.

ON: Најавата за изградба на регионална депонија во с. Годивје предизвика бурни реакции. Кој е вашиот став по ова прашање?

И. Трајкоски: Јас, како актуелен градоначалник и поранешен државен инспектор за животна средина прв го актуелизирав прашањето за распишување на референдум против изградба на било каква депонија на територијата на општина Дебрца. Поднесов иницијатива до советот на општината, каде на мое барање беше ставена точка за распишување на референдум за изјаснување на жителите дали се ЗА или ПРОТИВ изградба на регионална депонија. Морам да искажам жалење, бидејќи советниците од  СДС ја напуштија седницата. Под притисок на граѓаните на Дебрца кои без разлика на нивната политичка или било која припадност децидно застанаа на моја страна, подоцна истите тие советници од СДС ја поддржаа мојата иницијатива за распишување на референдум заедно со локалните избори. Со ова сакам да укажам дека Игор Трајкоски во изминатиов период, сега и во идниот период ќе ги застапува интересите на граѓаните на Дебрца, без разлика на нивната политичка определба, бидејќи е моето ветување штом ја добив довербата на граѓаните на Дебрца- дека ќе бидам градоначалник на секој жител на општината и ќе работам во интерес на Дебрца. Како и досега така и понатаму, се разбира доколку го добијам градоначалничкиот мандат, ќе продолжам заедно со сите жители на Дебрца да се борам против изградбата на било каква регионална депонија на територијата на општината.

ON: Одредени делови од општината се соочуваат перманентно со недостиг на вода за пиење во летните месеци. Решение?

И. Трајкоски: Верувајте, уште од првиот ден од нашиот мандат наидовме на проблеми кои не беа замисливи за 21 век. Особено тука би сакал да го истакнам проблемот со недостиг на вода низ повеќе места во самата општина. Започнавме од почеток и направивме многу. Сигурни сме дека треба уште и ќе направиме уште, бидејќи тоа ни е приоритет. Во изминативе четири години изградивме 12,5 км водоводна мрежа и друга инфраструктура. Поради зголемената потрошувачка на вода во летниот период како и поради сушниот период, немаше доволни количини на вода за да се задоволат потребите на жителите на општина Дебрца, затоа со новата Програма покрај останатите проекти, предвидуваме изградба на пумпна станица за снабдување со вода за селата Оровник, Горенци, Требеништа и Волино, со што ќе се обезбедат дополнителни количини на вода за задоволување на потребите преку целата година, со што трајно ќе го решиме проблемот.

ON: Како до повеќе средства за развој на општината, можеби од ЕУ фондовите, имате ли планови на ова поле и какви се капацитетите на општината по ова прашање?

И. Трајкоски: ЕУ фондовите се прекрасна можност за рзвој на една општина во различни сфери. Особено се значајни за општини како Дебрца која има потреба во секој дел. Мора да признам дека ние како администрација доволно добро се посветивме кон користење на ЕУ Фондови. Но, за да почнете да ги користите, вие мора претходно да имате познавања за самиот начин по кој се добиваат тие фондови. Можам гордо да укажам дека општина Дебрца има добиено различни проекти и ќе се стремиме токму таквиот принцип на работа, со користење на ЕУ фондовите, да го интензивираме.

ON: Екологија, туризам, развој на земјоделие, индустрија или нешто друго. Што може да развива Дебрца?

И. Трајкоски: Дебрца може да ги развива сите овие наброени области подеднакво и успешно. Дебрца е богата од секој сегмент, богата со историја, со етнологија, богата со ресурси, со зеленило, со области кои се природно богаство, со почва од која вирее било кој продукт. Веќе и инфраструктурно со патишта е во развојна фаза што допринесува за полесен пристап до било кое место. Оттука, општина Дебрца ќе ги отвори вратите за било каков друг предизвик што ќе придонесе за развој на општината без притоа да се наруши било каква природна идила. Но, морам да потенцирам дека и индустрискиот развој преку мали погони во кои би нашле своја егзистенција жителите на Дебрца се значаен фактор, особено за помладите. Затоа ќе се стремиме таа компилација да ја направиме што подобра и да ја развиваме од секој можен аспект.

ON: Изградбата на автопатот Охрид – Кичево ќе понуди поинаква персепктива за жителите на Дебрца. Но овој капитален проект се соочува и со сериозни проблеми кои ги засегаат и локалните жители. Дел од нив се жалат на експропријацијата, други стравуват дека ќе останат отсечени од главната сообраќајна артерија. Како гледате на реализацијата на овој проект, ќе побарате ли можеби некакви измени и промени?

И. Трајкоски: Изградбата на автопат е значаен проект за Република Македонија, а оттука и за општина Дебрца. Она што е значајно е самиот проект кој веќе е при крај на реализација, да се заврши во целост на начин на кој сите би биле задоволни. Сигурен сум дека постапките кои не се во надлежност на општината ќе бидат завршени со успех и со задоволни странки. Додека она што директно зависи од општина Дебрца, како и досега така и понатаму, се разбира доколку го добијам градоначалничкиот мандат, ќе биде во корист на жителите на Дебрца. Тоа е приоритет кој себеси си го дадов на почеток од мојот мандат во 2013 година.

ON: Порака до гласачите…

И. Трајкоски: Мојата порака до жителите би сакал да биде во вид на повик за продолжување на она што значи преродба во општина Дебрца, која единствено се темели врз работа. Затоа на 15 октомври треба да се размисли што се е направено во последниве четири години за Дебрца и да се направи изборот кон број 13, за мене како градоначалник кој ќе добие уште еден мандат, како и кон мојот тим, листа на советници од ВМРО ДПМНЕ. Да ја направиме Дебрца општина со најголем број реализирани проекти, на добар пат сме кон тоа.

OhridNews