Tриесет и две годишниот магистер за правни науки Сашо Донев, од неодамна е прв чoвек на Општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ во Охрид. Тој е поранешен вработен во Бирото за развој на образованието, член на Советот во општина Охрид, а ја извршуваше и функцијата директор на ЈП ,,Нискоградба” Охрид. Оженет е и татко на едно дете. Политичката кариера во ВМРО ДПМНЕ ја почнува како млад и постојано напредува во партиските структури. Во разговор за OhridNews, Донев најавува посветена работа и секојдневни активности на огранокот на ВМРО ДПМНЕ во Охрид за корекција на политиките на актуелната власт. Тој го анализира изборниот пораз во Охрид во 2017, како и работата на новата локална власт и отворено зборува за приоритетите на новото раководство на ОК ВМРО ДПМНЕ Охрид.

ON: Што ве натера да влезете во политиката?

Донев: Иако сум прилично млад, сепак мојата генерација се соочи со многу општествени промени и неподготвена го дочека преминувањето од еден систем во друг. Болната и тешка транзиција оставаше трајни последици онаму каде што најмалку требаше, кај скромниот и чесен работник. Нејзината суровост ја чувствувавме на наша кожа, преку секојдневната неизвесност и борбата за гола егзистенција на нашите родители во времиња кога финансиската стабилност беше најпотребна и се решаваше нашата животна и професионална иднина. Токму во овие денови природно се јави желбата за активизам, борбата за нешто ново, нешто различно, правично и современо. Мојот партиски активизам започнува во средношколската Унија на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ. Поттикнат од успешноста и праведноста која во себе ја носеше политичкиот активизам во тоа време, се одлучив да се насочам кон политичките студии на правниот факултет во Скопје. По моето дипломирање, бев избран да ја водам Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид. Унијата на млади сили беше движење во подем кое прерасна во најголем политички помладок во Охрид и го најави падот на тогашната локална самоуправа предводена од СДСМ, локална власт која спроведуваше урбана деградација и финансиско пустошење на градот, а истиот западна во тотална неликвидност. По историската победа на ВМРО-ДПМНЕ Охрид, бев избран за советник и координатор на советничката група а подоцна бев дел од тимот предводен од градоначалникот Никола Бакрачески.

ON:.Што лично ви значи изборот за претседател на ОК ВМРО ДПМНЕ?

Донев: Искрено мојот избор го гледам само како огромна одговорност во овие пресудни моменти за иднината на Македонија и Охрид, да се поведе народот и членството во борба за зачувување на државноста и достоинството на граѓанинот. Во овој момент сум комплетно посветен на организација и екипирање на Општинскиот комитет со цел пресретнување и превенирање на сите штетни политики кои секојдневно ги креира власта на локално и централно ниво.

ON: ВМРО ДПМНЕ ги загуби последните локални избори во Охрид. Дали го анализиравте изборниот пораз?

Донев: Претходната локална самоуправа реализираше најмногу инфраструктурни проекти и проекти посветени на младите, во исто време соочена со огромни долгови и големи очекувања од граѓаните. Но, посветени на долгорочната иднина на Охрид и преголемата наша желба да се реализираат што е можно повеќе проекти не доведе во ситуација полека да го губиме балансот и секојдневниот контакт со граѓаните неминовно изостануваше. Поуките се извлечени.

ON: Охрид има нова локална власт. Како гледате на нејзината работа?

Донев: Иако уште од сега се согледува немањето капацитет и безидејноста на локалната власт, граѓаните многу скоро ќе можат да направат пресек и споредба помеѓу оствареното од ВМРО-ДПМНЕ и неоствареното од СДСМ.

ON: Кои ќе бидат вашите приоритети, како ќе делувате со оглед дека партијата сега е во опозиција?

Донев: Ќе бидеме активни на дневна основа. Ќе ги пресретнуваме сите штетни политики и со молскавична брзина ќе одговараме со контра мерки слушајќи ги предлозите и барањата на граѓаните на Охрид. Ќе дејствуваме за народот и со народот, ден по ден, месец по месец без да им дадеме мир и лагодност за креирање на нови лоши политики.

ON: Огранокот има нов состав на Извршниот комитет. Меѓу нив има личности кои беа предмет на критика од вашите политички ривали дека станува збор за компромитирани кадри?

Донев: ВМРО-ДПМНЕ е организирана партија која има статутарно воспоставен начин на организација и работење кој се темели на непосредната демократија и отвореност кон членството и инклузивност во делувањето на локално ниво. Раководната структура на Општинскиот комитет е склоп на млади и искусни професионалци докажани во својата област.

Во однос на компромитираните кадри можам да порачам дека единствена партија во Македонија која има компромитиран лидер е СДСМ, па им препорачувам да си се позанимаваат малку самите со себе.

ON: Каков е вашиот однос со политичките ривали на локално ниво. Може ли да се подобри комуникацијата, да бидеме попрецизни нивото на комуникација?

Донев: ВМРО-ДПМНЕ Охрид и јас како претседател на општинскиот комитет делуваме професионално, одмерено и се трудиме да ја задржиме културата на изразувањето и истата да ја подигнеме на едно повисоко ниво. Ако можевте да забележите во изминатиот период сите прес конференции и партиски соопштенија се темелат исклучиво на актуелни теми и на истите се презентираат факти и мислења кои се темелат на докази без да се спушта нивото на беспотребен несоодветен вокабулар кој за жал се повеќе е присутен кај власта во моментите на нејзина слабост, нервоза, затеченост и отсуство на аргументи.

ON: На 2-ри јуни во Скопје ВМРО ДПМНЕ ќе одржи голем народен протест. Кои се мотивите и очекувањата и каква поддршка очекувате од охриѓани?

Донев: Мотивите за жал на сите нас не можат да се добројат. Оваа ненародна власт дојде на власт со лаги и лагите ги преточи во темел на нејзиното делување. Владата е составена од неспособни кадри и неработници кои државата ја водат кон сигурна пропаст. Цените растат, платите се намалуваат, нема инвестиции, нема нови работни места, младите се иселуваат и ја губат надежта.
Државноста е претворена во една кула од карти од чија основа секој ден се трга по една темелна карта. Името на државата, името на народот, вчера името на црквата…Ако не се спротивставиме веднаш, ќе ја срушат кулата која беше градена од крв и камен а тие успеаја каменот да го претворат во хартија само за една година. Пасивноста и разочараноста на граѓаните преминува во срамежлив активизам кој многу скоро ќе прерасне во бунт и револуција бидејќи ветуваниот животот е заменет со секојднево предавство и газење на честа и достоинството на граѓаните.

Очекувам голем одзив на граѓаните на Охрид на големиот протест во сабота. Борбата мора да почне и да биде сенародна и надпартиска, бидејќи сите делиме иста цел а тоа е просперитетна, суверена, самостојна и независна Македонија.

OhridNews