Здружението за спортско едрење „Акватика Јахтинг“ лоцирано на плажата Горица 1, четвртата година по ред им ги открива тајните на едрењето на младите и другите кои сакаат да се занимаваат или рекреират со еден од најелегатните спортови на вода. Возрасната граница е минимум седум години а максимумот во зависнот од авантуристичкиот дух на човекот. Интерес помеѓу охриѓани има, иако можеби не е на завидно ниво, а често  клубот „Акватика Јахтинг“ е посетен од странски гости кои сакаат да се испробаат или да научат едрење.

  • Интересот е добар но не можам да речам голем. Едрењето како спорт е многу специфичен и затоа е малку дистанциран во однос на другите водени спортови. Едрењето бара опрема и голема желба од човекот кој ќе седне во едрилицата. Лесно се учи и брзо се совладува а не е проблем ако почетникот не знае да плива. Имаме врвна опрема и тестирана а безбедноста секогаш е на прво место. Еднаш во неделата имаме посебен тренинг со превртување во вода заедно со едрилицата и други ситуации со кои може едриличарот да се сретне во водата. Можам да кажам дека тие тренинзи им се најзабавни на децата и никогаш немам видено паника или страв на нивната лица. – изјави Стефан Ставрев на почетокот од разговорот за Ohrid News.

Тој смета дека условите кои ги овозможува и нуди Охридското Езеро се користат многу малку. Гости од надвор кога ќе дојдат да тренираат или рекреираат во клубот не штедат пофални зборови за езерото и водата.

  • Условите кои ги нуди Охридското Езеро не се искористени оптимално, а не максимално. Тука пред нас го имаме најголемиот спортски терен во нашата земја и дали од незнање или нешо друго сите чинители во водените спортови не го користиме. Чекаме да дојдат луѓе од страна, да ни кажат што имаме и тогаш да почниме да го цениме или пак користиме. Прво што треба да се промени е инфраструктурата за сите водени споротови. Треба да се намали даночната стапка за увоз на реквизитите, бидејќи се што имаме во клубот ние го купуваме од странство. – додаде нашиот соговорник.

Пожарот во Струга каде што изгоре целиот хангар полн со едрилици и опрема од клубот Снегар е ненадоместлива штета за македонското едрење. Поради губењето на опремата клубовите членови во федерацијата мораа да го одложат Државното првенство во Охрид.

  • Загубата е голема, а сликата кога пристигнав таму беше тажна. Се што е правено години наназад го снема за момент. Вкупно 33 едрилици изгореа и друга опрема, а со нив изгоре една спортска историја за Струга и Охрид. Ние како деца имаме патувано таму да тренираме заедно со нив и тие доаѓале тука, затоа загубата е обострана и за сега непоправлива. Поради новонастаната непланирана ситуација се одложи Државното првенство во едрење. Планираме да организираме турнир со хуманитарен карактер за помош на струшкиот клуб. Турнирот би се одржал во август месец. – истакна Ставрев.

Специјални гости во клубот се холанѓаните Мајк Нејџ и Сонер Алмер. Тие едрат заедно со останатите членови а искуството несебично им го пренесуваат на помладите кои допрва треба да носат голем резултати.

  • Фасцинираме сме од Охридското Езеро. Исто така сме многу изненадени од професионалната работа на луѓето во клубот, а најмногу не радува што гледаме голем број на млади дечиња кои самостојно едрат и имаат желба да напредуваат. Едрењето е многу популарен спорт во Холандија и речиси цела опрема во клубот доаѓа од нашиот крај. Во иднина планираме поголема соработка со охридскиот клуб кој ни овозможи комплетно уживање во нашиот одмор. – изјавија Нејџ и Алмерс.

Виктор Сершиќ со едрење почнал да се занимава во Охрид а љубовта ја пренесе во Хамбург каде што има услови но се далеку од оние кои ги има во Охридското Езеро.

  • Моите почетоци со едрењето беа во Охрид и таа љубов ја пренесов во Хамбург каде што моментално живеам. Таму е многу комплицирано за тренинг затоа што има голем број не само на едрилици туку и други пловни објекти за разлика од Охрид каде што имаш место за било каков тренинг без да сметаш на некого или вознемируваш. Годинава добив улога од тренерот да бидам асистент и со задоволство им го пренесува моето искуство на помладите. – рече Сершиќ.

На најмладите не им пречи интензитетот на тренинзите и тогаш кога се тешки. За нивната физичка подготвеност се грижи Виктор а за силата и здравата исхрана е задолжена пекарата „Ден и Ноќ“.

  • Тренираме по два пати на ден. Интензитетот на тренинзите не ни преставува проблем иако се работи во вода и не секогаш во добри временски услови. Сакаме да се заблагодариме на пекарата „Ден и Ноќ“ за вкусните печива и сендвичи кои ни ги подготвуваат секое утро пред напорните тренинзи. – рекоа помладите членови.

„Акватика Јахтинг“ планира да работи и во септември месец, а со постепно вложување во опрема и едрилици  тренинзите може да се пролонгираат за уште два месеца.

Михаил Постоловски