Владата на седницата одржана вечерва, го разреши од должноста директор на Агенција за промоција и поддршка на туризмот Александар Донев заради невнимателно и несовесно работење. Донев стана на жестоки критики во јавноста откако беше обелоденето дека на скапите службени патувања користел бизнис наместо економска класа.

Владата да го разгледа Предлог-законот за престанување на важењето на Законот за поддршка на домашната музичка продукција, и донесе заклучок да го достави до Собранието на Република Македонија на натамошна постапка. За донесувањето на овој предлог-закон преовлада фактот што имплементацијата на законот во практика не ги даде очекуваните ефекти, при што се постави прашањето за оправданоста од ваквиот начин на финансирање со буџетски средства во вкупен износ од 317 680 000 денари, односно околу 5 милиони евра, информираат од Владата.

На предлог на Министерството за образование и наука е усвоена информацијата за активностите во процесот на изработка на Стратегијата за паметна специјализација, која е на високо место во агендата на Европска Унија, и во потпишаниот документ во Трст во 2017, од страна на премиерите на Западен Балкан, за зголемена интеграција на регионот. СМАРТ Стратегијата претставува национален документ за економски развој на земјата преку насочена поддршка на истражувањето и иновациите, со цел градење конкурентна предност преку развивање и усогласување на истражувањата и иновациите на потребите на бизнис секторот.

Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за донесување на Стратегијата за животна средина и климатски промени до 2020, со препорака новиот текст на стратегијата да ги вклучи и препораките и мерките од Интерресорската група за заштита на амбиенталниот воздухот, како и други мерки од сферата на заштитата на животната средина.

На седницата Владата донесе решение за формирање Национален совет за информатичка и компјутерска технологија (ИКТ), за изготување и следење на имплементацијата на Националната ИКТ стратегија, како и за давање на мислење на годишните планови за јавни набавки и на техничките спецификации на тендерските документациина институциите од јавниот сектор, каде што како предмет на набавката е ИКТ опрема и/или софтвер.

OhridNews