Реакции од разрешените од ВМРО ДПМНЕ и членовите за кои се предлага дисциплинска постапка.

Екс директорот на УБК, Сашо Мијалков, за кого е побарана дисциплинска постапка поради обвинувања за соработка со Зоран Заев, за медиумите вели дека не е време за создавање поделби и дека е потребно единство.

„Отфрлам било какви шпекулации за мое влијание врз претседателот на партијата, органите на партијата, пратениците или која било друга организациска структура во нејзин состав. Сметам дека во овој момент, во интерес на сериозните предизвици со кои се соочува нашата партија, е потребно единство како никогаш до сега. Најмалку потребно во овие моменти е создавање поделби кои ќе имаат за цел да го ослабат ВМРО-ДПМНЕ“, вели Мијалков во изјава за Press24.

Во дел од овинувањата на Никола Тодоров за актуелното раководство на партијата, стои дека станува збор за антимакедонска фракција, раководство кое има антизападни и антиевропски интереси и пропаганди, изолирана партија полна со непотизам.

„Ме исклучија од трансформираната фракција на ВМРО, трансформирана во Анти-западна, Анти – ЕУ и Анти-НАТО фракција, управувана од луѓе кои се водени и заробени од сопствената суета и кои практикуваат застарени методи на политичко дејствување наметнато од старите удбашки структури кои се уште се поклонуваат на туѓи антимакедонски и антизападни пропаганди и интереси. Во таква антиреформска, антизападна, недемократска и антимакедонска фракција на ВМРО јас не се пронаоѓам“, напиша Тодоров на социјалната мрежа “Фејбук“.

Сега веќе поранешниот потпретседател и актуелен градоначаник на Кавадарци Митко Јанчев најави тужба околу причините за разрешување и наводите за криминал, закани и уцени и соработка со премиерот Зоран Заев кои ги изнесе потпретседателот Александар Николовски.

  • Од Александар Николовски кон мене беа упатени ниски и агресивни обвинувања за закани, поткуп и криминал, рамо до рамо со Сашо Мијалков. Поради ваквите неосновани и крајно непрофесионални навреди од страна на Христијан Мицковски и Александар Николовски кои се обидуваат да го нарушат мојот авторитет, барам јавно извинување и од Христијан Мицковски и од Александар Николовски. Во спротивно кон нив двајцата ќе поднесам приватни тужби за клевета и навреда на мојата личност, вели Јанчев.

На синоќа одржаната седница на Централниот комитет на ВМРО ДПМНЕ, разрешени беа потпретседателот на партијата, Митко Јанчев и членот на Извршниот комитет, Констадин Богданов. Централниот Комитет побара од матичните општински комитети да поведе дисциплинска постапка и да ги исклучат од членство Сашо Мијалков и Никола Тодоров.