Студентскиот пленум на интернет објави видео материјал кој го проследи до медиумите, од интервенцијата на специјалната полиција во библиотеката „Браќа Миладиновци“ во Скопје, што се случи за време на разбивањето на жестоките демонстрации пред седиштето на владата, кои избувнаа по објавување на снимените материјали од страна на опозицијата кои се однесуваат на убиството на скопјанецот Мартин Нешкоски во 2011 година.

Студентскиот пленум изрази револт од, како што се наведува во соопштението, бруталноста на полициската акција. Оттаму тврдат дека при интервенцијата на полицијата во библиотеката биле повредени повеќе студенти, меѓу кои и девојчиња.

Реагираше и наставничкиот пленум, кој ја осуди интервенцијата на полицијата во библиотеката „Браќа Миладиновци“ и побара одговор по чија наредба таа упаднала меѓу студентите.

-По чија наредба специјалната полиција вчера влезе во библиотеката „Браќа Миладиновци“? Бараме одговорност за сите вооружени лица што ги пречекориле своите овластувања!- стои во соопштението на наставничкиот пленум.

Според Бранко Цветковски, директор на библиотеката „Браќа Миладиновци“, синоќа дошно до краток неред и нарушување на работата на читателите во библиотеката откако група демонстранти упаднале во библиотеката. Тој најави дека ќе биде засилено обезбедувањето на библиотеката со цел во иднина да се спречи нејзино користење од страна на лица кои не се нејзини членови. Цветковски не ги коментираше снимките со повредени студенти.

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска на прес конфеенција изјави дека полицијата интервенирала во библиотеката „Браќа Миладиновци“ бидејќи таму се сокриле учесници во насилните протести пред владата, посочувајќи дека специјалците не употребиле прекумерна сила.

Реагираше и полицискиот синдикат, според кој специјалните единици не ги пречекориле овластувањата и не примениле зголемена сила, иако, како што истакнаа за тоа имало услови. -Но повеќе вака не може. Од протест на протест бројот на повредени колеги е се поголем.- рекоа од полицискиот синдикат.

OhridNews