Од ЈП Билјанини извори ставовите изнесени од страна на општинската СДСМ ги оценуваат како несериозни и паушални.
 
– Јавното претпријатие од кога е назначен новиот менаџмент константно враќа стари долгови наследени од времето на СДСМ. Се исплаќаат  паушали и хонорари на членовите на Управни и Надзорни одбори кои во минатото сите беа од редовите на оваа партија, а на кои додека со градот владееше СДСМ не им се исплати ниту еден денар. Сега партијата не знае како да ја критикува новата власт , бидејќи работи домаќински и одговорно на враќање на долговите и му исплаќа заостанати долгови по овој основ на нивното членство. Претпријатието ја исплати и платата од месец февруари ( за која СДСМ критикува во соопштението дека била исплатена со задоцнување ) , а која не беше исплатена во времето кога тие раководеа со ова претпријатие, а тоа е токму февруари, месец за кој критикуваат, а кога беа на власт, велат од ЈП Билјанини извори.

Оттаму додаваат дека менаџерите назначени од СДСМ освен во февруари, оставиле пет неисплатени плати за месеците пред февруари 2013 година и 2012 година , кои новото раководство ги исплаќа, иако претпријатието тоне во долгови.

– Парите од Светското првенство во ракомет кое се одржа во спортската сала, се уште не се легнати на сметката на претпријатието, а штом истите бидат исплатени од страна на Ракометната федерација на Македонија, веднаш ќе се пристапи кон исплата на заостанати долгови од времето на СДСМ, почнувајќи од фактури за ручеци и коктели кои ги оставија неисплатени како долг на претпријатието. За овие исплати  јавноста детално ќе биде запознаена, а граѓаните и раководството на СДСМ Охрид ќе имаат прилика да видат како се исплаќаат огромни суми за долгови направени во ресторани и кафеани и да се запрашаат сами дали ако менаџерите од СДСМ не трошеле толку за ручеци по ресторани, можеби немало да има толку заостанати плати и гладни работници, велат од јавното претпријатие.

Од ЈП Билјанини извори потенцираат дека дел од парите ќе бидат наменети за хонорари, паушали и неисплатени плати за вработените и ангажираните вујни, стрини, тетки, стриковци, братучеди, тетиновци, вереници и сопруги на истакнати членови на СДСМ и нивните коалициони партнери во градот.

По дописот од СДСМ реакција и од општинската ВМРО- ДПМНЕ.

– Со  заминувањето   на СДСМ од локалната  политичка сцена  заврши и ерата  во Охрид кога не само што  неосновано се трошеа пари за прескапи презентации  кои до денес не се оправдаа, туку се трошеа  и народни  пари за приватни ручеци  низ охридските  кафеани.  Новиот менаџерски тим, и локалната власт предводена од ВМРО- ДПМНЕ вложува максимални напори да го застане на  финансиски здрави нозе  ова претпријатие  кое буквално го осакати СДСМ.  Со доаѓањето на новата локална гарнитура и новиот раководен тим, претпријатието стана  домаќин на бројни спортски, забавни и детски манифестации, што не беше случај во  време  на СДСМ кога владееше, мртвило и хаос на секој план.  Со парите од Светското кадетско првенство  во ракомет за жени што  неодамна се одржа во ЈП “Билјанини извори“ ,а кои се очекува на ова претпријатие да ги исплати  Ракометната Федерација на Македонија,   фирмата ќе  ги подмирува сметките за ручеци и лични уживања што на  трошок на претпријатието    ги направило бившото раководство од  СДСМ, се наведува во реакцијата од ОК на ВМРО- ДПМНЕ.
 

 

OhridNews