Речиси 30 часа жителите на струшките села Лабуништа, Подгорци и Боровец беа без електрична енергија. ЕВН соопшти дека нема нови дефекти во дистрибутивната мрежа, а интензивно се работи за санација на мрежата и наскоро се очекува да се стабилизира снабдувањето во последните локации.

Засилени екипи на Електродистрибуција цело време работеа на терен за санација на дефекти, кои се појавија во дистрибутивната мрежа и успешно санираа голем дел од нив, а сеуште работат без прекин во отстранување на последните преостанати дефекти, кои се во рурални средини каде што освен лошите временски услови, екипите се соочуваат и со непристапен терен, информира ЕВН Македонија.

Граѓаните револтирани реагираа дека при снежна покривка и од пет центиметри овие села имаат прекин во снабдувањето со електрична енергија. Снежната покривка што вчера ја зафати земјава во струшко Лабуништа достигнала над 20 центиметри.

Патиштата се исчистени, немаме проблем со непроодност, но при најмал снег ние немаме електрична енергија, а тоа повлекува проблем во мобилната мрежа и прекин во интернетот. Да не зборуваме колкава штета се прави со апаратите за домаќинство и храната во замрзнувачите, вели жител на с. Лабуништа. 

Претходно апел упатија од Регулаторната комисија за енергетика  до мрежните оператори за електрична енергија да ги преземат сите мерки за враќање на нормалното напојување со електрична енергија во целата држава. Како што напомена претседателот на РКЕ за МИА, Марко Бислимоски веќе во одредени делови е вратено напојувањето со електрична енергија, но апелираа за преземање на дополнителни мерки.

Поради дефект на 110 киловолтните далноводи на АД „МЕПСО“, „Битола Ресен“ и „Вруток-Шпиље“, вчера околу три часа без електрична енергија останаа Охрид, Струга, Ресен Дебар и околните населени места. Од МЕПСО соопштија дека дефектите се отстранети и од нивна страна е обезбедено редовно напојување. Но и покрај ова  дел од струшките села струја  добија доцна синоќа, а повеќето останаа без струја.

OhridNews