Општините во југозападниот плански регион, во кој спаѓаат двата најголеми туристички центри во земјата, Охрид и Струга, мака мачат во сметот, кој се уште се одлага на депонии кои не ги задоволуваат високите еколошки стандарди и европски норми. Сметот од општина Охрид се одлага во депонијата Буково, а Струга во депонијата во непосредна близина на градот. И двете често се самозапалуваат или опожаруваат, а поради близината до градот, проблемот со палењето на ѓубрето е сериозна опасност по здравјето на граѓаните на Струга.  Решението општините го гледаат во изградба на регионална депонија, но процесот се уште е на почеток.

– Договор за меѓуопштинска соработка е потпишан, се очекува во 2015 година да отпочне тендерска постапка, која подразбира изработка на студија за локација на регионална депонија.-изјави Мирјана Лозаноска – Директор на Цантарот за развој на југозападниот плански регион, со седиште во Струга.


Мирајана Лозаноска

Според претходниот план, оваа година требаше да биде завршен регионалниот план за управување со отпад и да се отпочне со постапката за изградба на регионална депонија. Сега првичниот план е променет, и доколку се тече според предвиденото, регионалната депонија се очекува да биде функционална во 2017 година, објаснува Лозаноска.

-Тоа се долги процеси. Лично мое мислење е дека доцниме, особено ние во југозападниот плански регион како најтуристички регион во државата. Тој проблем требаше навистина побрзо да се реши, но доколку гледаме оптимистички и во 2017 доколку се реши ќе биде добро. Да се подготви целата потребна инфраструктура не е едноставно, бидејќи не е само регионалната депонија, тука се и дивите депонии кои треба да се затворат, како и постојните легални депонии кои треба на соодветен начин согласно европските критериуми да се затворат.-истакна Лозаноска.

Изградбата на регионална депонија во југозападниот плански регион ќе се финансира од ИПА фондовите, а предвидено е со депонијата да стопанисува регионално јавно претпријатие или концесионер.

Горан Момироски