Потреба е помала фрагментација на планинските служби, но и што поголема политичка волја за да се има силна планинска спасителна служба, но и да се зајакне планинарската и алпинистичката заедница беше посочено на денешната регионална средба на службите за планинско спасување што се одржува во Охрид во организација на Националниот сојуз за планинско спасување на Македонија (НСПС).  Во  Македонија се работи на воспоставување на национален систем кој ќе биде препознаен од државата, а изработено е и законско решение кое години наназад за жал нема епилог.

Средбата во Охрид обединува претставници на водечките служби од регионот, со цел унапредување на професионалните стандарди, зајакнување на партнерствата и координацијата, како и размена на современи практики и искуства во справување со предизвиците во планинското спасување. На истата присуствуваат раководствата на организациите од Хрватска, Словенија, БиХ, Србија, Црна Гора, Косово и Албанија.

Како организации од различните земји не сме на исто ниво, некои имаат првенство во техничката опременост и во едуцираноста, некои други имаат многу подобра политичка поддршка од своите држави, институционално се поставени во системот на државата преку законски решенија, така што сите тие се прилики и начини коишто се добри да се искористат како позитивна пракса да ги примениме кај нас, вели Антонио Додевски, претседател на НСПС и раководител на Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид.

Друг битен сегмент е да се познаваме доволно добро, да можеме едни на други да си помагаме во ситуации на посериозни, поголеми несреќи коишто недај Боже да се случат. Меѓутоа, со самите климатски промени се уверивме, целиот свет се увери дека ваквите институции треба што повеќе да се јакнат. И трета основна идеја е тоа што ние сите сме и како потписници на овој договор за соработка на Меѓународната организација за планинско спасување (ИКАР), каде што сите имаме на некој начин едно политичко влијание во самата меѓународна организација и од каде што може многу да добиеме, бидејќи самата организација ги дефинира стандардите и препораките за делување по највисоки светски стандарди. Меѓутоа и ние може да имаме наше влијание како земји од словенското говорно подрачје, коешто исто така се карактеризира со одредени специфики, и едноставно сакаме да на ваков начин бидеме координирани во настапот во ИКАР, секако да имаме што повеќе интерес во смисла на подобрување на условите за работа во нашата средина во којашто делуваме, вели Додевски.

Посочува дека пред пет-шест години бил формиран Сојузот заедно со други организации од државата, а идејата била се тоа што во Охрид се развива да почне полека да се шири и во останатите региони.

Да воспоставиме станици за спасување на територија од целата држава, коишто исто така ќе ги применуваат највисоките стандарди и се обидуваме да направиме еден национален систем којшто ќе биде препознат од државата. Прво, мора да кажеме дека капацитетот којшто го има Планинската спасителна служба при Црвен крст во Охрид во моментов е највисок во државата согласно сите највисоки стандарди. Сите овие наши колеги коишто се тука имаат сè што имаме и ние овде. Значи, не сме во ништо подолу од регионот. Меѓутоа недостасува сериозна опрема, недостасува едукација на нашите колеги од останатите региони и станици, така да размислуваме цело време на ширење на оваа идеја. Тука од клучно значење и еден клучен недостаток е непрепознавањето од страна на државата. Значи, ние не сме институционално вградени во системот за заштита и спасување во државата и истата  не не гледа како сериозен ентитет кој може да даде многу, вели Додевски.

Потенцира дека самото членство во ИКАР и тоа што се партнери со сите организации од регионот е доказ за квалитет и изразуваат надеж дека институциите ќе го воочат тоа.

Ние веќе имаме дадено и предлог текст на закон којшто врз основа на хрватскиот модел го изработивме за наши прилики со нашите правници од волонтери секако коишто ги имаме. Меѓутоа, еве веќе неколку години законот е во правната служба во Министерството за одбрана и никако да го види светлото на денот. Очекуваме сериозно да добиеме прво институционална поддршка. Секако, ние ќе продолжиме да работиме со проекти, нема да се откажеме за да правиме колку е можно побрз напредок на сите наши организации кои се дел од Сојузот. Меѓутоа, институционалната поддршка, препознавањето пред сè, а секако и некоја неопходна финансиска поддршка од државата е клучна за да можеме ова сето ова да го направиме многу побрзо и на многу поефективен начин, истакнува Додевски.

Во Националниот сојуз за планинско спасување на Македонија во моментов членуваат 12 организации и повеќе од 250 волонтерии се работи по словенечкиот модел.

Моментално со нашите инструкторски тимови работиме на подготовка на една програма и правилник за едукација и тренинг на нашите спасувачи, токму по оваа нова програма од Словенија, користејќи го нивното искуство и полека се подготвуваме да воспоставиме единствена оперативна структура која ќе има единствен центар на координација за цела држава и станици коишто ќе работат во вистинска смисла, така што ни престои доста работа. Треба да ги едуцираме сите наши волонтери од сите организации. Меѓутоа, тоа е нашата визија. Одиме по тој пат. Кога ќе го постигнеме сето она што го планираме зависи од финансиите и поддршката којашто ќе ја добиеме, додава Додевски.

Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид просечно годишно има околу 35 интервенции, а на ниво на држава Сојузот има околу 50. Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид добива програмска финасиска поддршка во последните четири години од градоначалникот Кирил Пецаков која ја посочуваат како добар пример кој треба да го следат и дргите градоначалници во општините каде има организации.

Овие регионални средби се многу важни поради размената на искуства, но и за усогласување на ставот кој го имаат организациите во регионот во ИКАР, вели Грегор Долинар, претседател на Планинската спасувачка организација од Словенија и член на извршниот одбор на Меѓународната организација за спасување ИКАР.

Во Словенија имаме многу долга традиција на спасување во планини. Многу сум импресиониран каков напредок направивте и овде во Северна Македонија од онаа точка кога немаше ништо. Сега луѓето што доаѓаат во планините овде конечно можат да бидат безбедни дека ако нешто се случи, ќе има момци овде што ќе дојдат и ќе ги спасат. Во овој регион во Словенија, Хрватска имаме највисоки планини, најдолга традиција, а Северна Македонија беше некако многу без некои услови, но сега има голем напредок. Овој центар е навистина онаков како што мора да биде, но еден центар не е доволно. Требаат вакви центри секаде во земјата. Многу значајно од аспект на ИКАР е секоја земја да има централна организација, да нема сто или дваесет некои мали организации, да се централизирани и сите да работат по исти методи, бидејќи тоа значи безбедност. Ние имаме во Словенија лошо искуство кога спасителите гинеа во последните дваесет години, седуммина загинаа на некои акции. Така што ние многу добро знаеме што е безбедност. Многу сакаме да работиме по едни централизирани постапки. И на тоа и нашите колеги од Северна Македонија почнаа да работат, така што е многу значајно, посочува Долинар.

Истакнува дека службите во Словенија годишно имаат близу 700 интевенции и истите се зголемуваат со туризмот.

Во нашата земја половина од интервенциите се однесуваат на спасување туристи. Многу има од ив кои немаат повреди, но не знаат да се вратат назад. Со туризмот се промени и спасувањето. И овде кај вас многу е важно да сте подготвени за овој туристички бум. Кога ќе дојдат туристи, тие не знаат што се планините. Тие само одат, доаѓаат на некоја дестинација како кај нас во Словенија, доаѓаат на Блед, сакаат да одат во планина, а немаат поим што тоа значи. Затоа и се зголемува бројот на интервенции се повеќе и повеќе, додава Долинар.

Марко Раковац, главен извршен директор од Хрватската планинска спасителна служба, посочи дека многу е важен континуитетот на ваквите средби, не само регионално, туку и поради меѓународно значење што го имаат во регионот.

Имаме служби кои имаат многу искуство и имаат што да кажат во меѓународната заедница. А овие регионални состаноци ни се важни не само поради меѓународната, условно кажано, политика, туку и поради оперативноста, бидејќи често граничиме. Нашите планинари, не само од Хрватска, Словенија и други земји, одат во планините во Македонија и се случуваат несреќи и често мораме прекугранично да соработуваме. И затоа е важно формално да соработуваме, но и неформално да се дружиме, да се познаваме, да имаме контакти и кога нешто ќе се случи да можеме брзо да реагираме. Имаме различна пракса и она што е добро е што имаме сличен менталитет. Тоа значи дека она што е применето можеби во некои држави кои најдалеку стигнале по прашањето на обединување на планинското спасување и визии, мисии и цели, всушност може многу едноставно да се примени и во други држави. Како што се Босна, Косово, Србија, Македонија, Албанија, Хрватска и Словенија, Црна Гора, вели Раковац.

Посочи дека постои сличен начин на размислување и добрите практики може да се унапредуваат, додавајќи дека важно е во сите тие земји да се земеме добрата пракса.

На пример во Хрватска тоа е конкретно Законот за HGSS (Планинска служба за спасување) кој ги обедини сите станици на планинските служби и постави јасна рамка каде што нема повеќе фрагментација, а фрагментацијата е нешто што мораме да го избегнеме. И секако, како да го зајакнеме финансирањето на нашите локални станици таму каде што е потребно, така што тоа финансирање да биде системско. Бидејќи она што го правиме е всушност додадена вредност за општеството, а секоја држава има обврска на својата територија да организира заштита и спасување. Тоа е обврска на државата, како во урбаниот дел, така и надвор од урбаниот дел. А сведоци сме дека сè повеќе имаме посетители во планините. Сè повеќе патуваме. Има сè повеќе авиолинии каде луѓето одат во планините. Времето е сè понестабилно и службите што работат надвор од урбаните подрачја, особено волонтерските се многу стручни во тоа што го работат, а се евтини за даночните обврзници, за општеството, создаваат една голема додадена вредност и тоа политичарите мора да можат да го препознаат. Наместо да финансираат некои организации кои немаат доволно голема стручност.

Волонтерите, вели, се стручњаци и не смеат да останат во сенка, мора да се постави регулаторна рамка во која ќе можат да функционираат, додавајќи дека тој систем мора да биде одржлив бидејќи тоа е добитна комбинација не само за службата, туку и за општеството во целина, а на крајот на краиштата и за посетителите на планините.

Ние се финансираме од буџетот на Република Хрватска и од единиците на локалната самоуправа, значи од национално министерство и од општини и градови. Значи, ја имаме таа национална планинска служба и под неа имаме на подрачјата во секој регион по една. Во Хрватска има вкупно 25 и донесовме Закон за планинска служба кој наметна обврска да се финансираат од единиците на локалната самоуправа и од државниот буџет. Но, истовремено работиме и на проекти европски и нам влезот во Евроа многу ни придонесе да повлечеме средства и всушност голем дел од нашата оперативноста на возилата и опремата токму дојде од европски средства. Бидејќи и ние имавме сличен проблем со препознавањето. Меѓутоа, со добар ПР, со многу акции и туризмот во Хрватска, ни помогнаа сепак да го поставиме тоа во една регулаторна и оперативна рамка што функционира. Имаме предизвици. Сега следното што мораме да го работиме е да го зајакнеме работнo-правниот статус на волонтерите, да врз основа на Законот за труд внесеме некои одредби што ќе им овозможат на волонтерите да можат да посетуваат обуки, а да не користат денови од годишен одмор, вели Раковац.

Потенцира дека во Македонија инфраструктурата се развива, но ја нема доволно за да ги спречи сите несреќи, а луѓето масовно доаѓаат во Македонија, има многу врвови и е атрактивна за фри-рајд скијањето.

Важно е да има што помала фрагментација на планинските служби, што поголема политичка волја за да се има силна планинска служба, но и да се зајакне планинарската и алпинистичката заедница која ќе може да ги спасува луѓето. И во секоја држава секогаш имаме ограничувања. Ако не може, тогаш ги викаме соседите и соседите ни помагаат и тоа е целта на овие регионални состаноци. Така што овие активности ќе бидат во пораст и планинската служба може да биде само посилна отколку што беше. Но, мораме да лобираме и сите заедно меѓу политичарите за тоа да биде подобро и посилно, додаде Раковац.

Инаку, ова е трета регионална средба по ред, по првата одржана во Хрватска во 2024 година и втората во Словенија во 2025 година, на која беше потпишан и регионален договор за соработка. Со договорот се предвидува службите да се состануваат најмалку еднаш годишно, со цел континуирано јакнење на регионалната координација и унапредување на стандардите во планинското спасување.

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска