Огромни количини најразличен цврст отад се расфрлани покрај регионалниот пат кој Струга ја поврзува со селата и туристичките населби на Охридското Езеро. Диви депонии на овој потег никнуваат секојдневно, се жалат жителите на околните населени места, а најдраматична состојбата е во селото Калишта кое се дави во отпад.


За овие депонии одговорна е државата. Кога нема место кај да се фрла ѓубрето се одлага насекаде. Овде поминуваат и министри зарем не гледаат што се случува? – прашува жител на Калишта.

-Срамота е, прво туристичко село после Струга е Калишта, а се дозволува да се прават депонии. Разочарани сме од властите кои не прават ништо да се поправи состојбата.- вели друг граѓанин.


Загриженост за состојбата изразува и Билатералниот комитет за заштита на Охридското Езеро, од каде посочуваат дека  проблемот се должи на неспроведување на казнената политика, ниската еколошка свест на населението и недостиг на капацитети во општините неопходни за управување со цврстиот отпад.

– Конечно локалните самоуправи од регионот треба да ја прифатат иницијативата на Министерството за животна средина и просторно планирање за изградба регионална депонија, со што ќе се создадат услови за управување со цврстиот отпад и ќе се избегнат сите овие нарушувања на еколошкиот систем, истакна Дејан Пановски од Билатерален комитет за заштита на Охридското Езеро.


Сите 13 општини во Југозападниот плански регион во кој спаѓа и Струга имаат дадено начелна согласност за изградба на регионална депонија, но и натаму проблем претставува одредувањето на локацијата, посочува градоначалникот на Струга Рамиз Мерко.

-Ние како градоначалници немаме проблем, но се јавуваат некои таканаречени еколошки друштва кои по секоја цена секаде каде што се планира да се гради регионална депонија сакаат да спречат да се случи тоа, вели Мерко.


Градоначалникот Мерко укажува дека помеѓу селата Враништа и Белица постои депонија за цврст отпад, но граѓаните наместо таму, градежниот шут и натаму го фрлаат покрај патиштата и езерото. Тој тврди дека контролите на терен од страна на комуналните редари се засилени, но тие се немоќни сами  да се справат со состојбата, поради што општината бара помош од совесните граѓани.

– Сакаме да активираме посебна телефонска линија иако ги има многу и можеби граѓаните незнаат и каде да  се обратат, но сакаме и самите граѓани да ни укажат или да го пријават секое фрлање на шут покрај патиштата или езерото, додава Мерко.


Градоначалникот на Струга најави дека општината следната година ќе ги исчисти сите диви депонии на нејзина територија, каде ќе бидат поставени информативни табли со предупредувачка содржина. Ќе се спроведе и медиумска кампања, а се најавува и поостра казнена политика со цел да се спречи понатамошното загадување на струшкото крајбрежје на кое му се заканува еколошка катастрофа.

Горан Момироски