Водици за Охрид е празник над празниците. Охриѓани посебно се подготвуваат за овој ден, кој пред 1992 година се одбележуваше тајно поради забраната од тогашните власти. Денес Богојавление се одбележува масовно на градското пристаниште со литургии и осветување на езерските води, каде голем број млади скокаат по чесниот крст.


Желбата на сите нив е да го фатат крстот. Тоа до сега им успеало на неколкумина. Меѓу нив има и рекордери, како што се Митко Топенчаров кој пет пати го има фатено чесниот крст и Јован Рилков кој крстот го има фатено четири пати. Нема посебна тајна на успехот, потребно е силно да се верува, велат овие двајца познати охриѓани.

– Охрид живее 365 дена за празникот Богојавление. Мледите со посета на литургиите, исто така и повозрасните, со палење свеќа, со добра мисла и со подготвување преку цела година духовно и физички живеат за тој ден. За да се фати крстот потребна е духовна подготовка, се разбира има и мали финеси кои оставаме помладите сами да ги откријат, но пред се потребна е добра волја и желба да се издржи во ладните води, вели Митко Топенчаров.


Митко Топенчаров 5 пати го има фатено чесниот крст


-Подготовка посебна нема, треба да си добар  пливач, нуркач и да сакаш да стигнеш до таа цел и  се разбира да живееш за тој празник.-
додава Јован Рилков.


Јован Рилков – 4 пати доплива до крстот во Охридското Езеро

Фаќачот на крстот добива парични и други вредни награди од кумот на Водици, организаторот и граѓаните, но тоа не е мотив да се учествува во церемонијата, тврдат Топенчаров и Рилков.

– Наградите се најмал момент и можеме да ги занемариме. Порано немаше ни кумства ни награди па се скокаше по крстот. Најважен е духовниот момент, кога Св. Јован го крстил Исус во водите на Јордан. Затоа апелирам до младите на овој ден да не претеруваат со алкохол пред да влезат во езерските води по крстот, а претходно да ги посетат црквите, односно литургиите таму.-рече Топенчаров.

Мислам дека матерјалното никој капач не го води. Сите сакаме да учествуваме во оваа прекрасна церемонија. Иако не скокаме по крстот по чинот на осветување на езерските води се капиме на Сараиште за здравје, а исто така и за Денот на рибарите на Св. Јован се капиме во езерото, истакна Рилков.


Покрај охриѓани годинава по крстот ќе скокаат и верници од други градови од Македонија, но и од Украина, Шведска и други земји, а за Денот на рибарите на 20-ти учество во зимското капење најави и поранешниот евроамбасадор Ерван Фуере, кој два пати до сега доплива до бурето со виното кое традиционално за овој ден се фрла во Езерото.


Некогаш Водици во Охрид се чествуваа скромно, но денес овој празник со додавање на разни манифестации прераснува и во своевидна туристичка атракција. Но,  организаторите на манифестацијата се убедени дека тоа нема да ја наруши духовноста на празнувањето и дека верниците во балканскиот Ерусалим достојно ќе го одбележат  денот кога Исус бил крстен во светите води на реката Јордан.

Горан Момироски