Спортски риболовци и членови на риболовното здружение „Карп фиш“ од Лабуништа, денеска, одржаа едночасовен мирен протест на акумулацијата Глобочица, струшко, загрижени од како што велат, намалувањето на рибниот фонд, порастот на рибокрадството и односот на концесионерот „Ташма 2011“, за кој сметаат дека не ги исполнува одредбите од договорот за концесионирање, каде е предвидено порибување со 1920 кг.подмладок пастрмка и 3600 кг. крап во периодот 2013 – 2019.

Од информациите што ги имаме од рекреативните рибиловци бидејќи присутните овде имаат дозволи за риболов од концесионерот, ни кажуваат дека едно парче риба не е фрлено овие три години, а биле обврзани со договорот од 33.000 евра на тоа, некаде 150.000 парчиња подмладок на пастрмка не се внесени во овие води. – изјави Аладин Демишоски, потпретседател на риболовното здружение „Карп фиш“ – Лабуништа.

Рекреативните риболовци од Лабуништа бараат од надлежните институции да проверат како се стопанисува со рибниот фонд на акумулацијата Глобочица, во спротивно најавуваат радикализација на протестите.

-Го охрабруваме државниот инспектор за земјоделство во регионалната канцеларија во Охрид сериозно да ги земе работите во свои раце. Ако по овие наши барања за проверка и контрола на концесионерот не се постапи и не биде извршена проверка, а сметаме дека се созреани сите услови за одземање на концесијата, ние имаме други алтернативни можности да го искажеме нашиот револт. – додаде – Демишоски.

Денеска стапивме во контакт со концесионерот на акумулацијата Глобочица „Ташма 2011“, но оттаму не сакаа да ги коментираат обвинувањата изнесени на протестот на рекреативните рибиловци од Лабуништа, посочувајќи дека доколку биде потребно јавноста ќе биде известена преку соопштение.

Г.М.