Далечната 1985 година Охрид го доби првиот и засега единствен клуб за подводни дејности „Охрид“, кој успешно опстојува ден денес. Јубилејот не е за потценување, вели Д-р Горан Балевски, претседател на Клубот за подводни дејности „Охрид“ од Охрид.

Нашиот клуб е еден од најстарите нуркачки клубови во Македонија, можеби и единствен клуб што успеал да опстои 35 години, што не е мал период, дотолку повеќе ако се има предвид дека клубот се финансира од сопствени средства. Со мала помош и донации успеваме да одржиме едно здружение кое сепак е специфично, затоа што тешко може да се дефинира нашата дејност. Еднаш бевме во Агенцијата на спорт и млади ни рекоа не сте ни спорт, не сте ни млади. – со насмевка раскажува нуркачот Горан Балевски.

Иако е тешко да се одржи клубот, привилегија е да си негов член, вели Балевски.

Не е едноставно, многу генерации тука оставиле дел од својот живот, и се уште оставаат. Јас сум горд што сум претседател на Клубот за подводни дејност „Охрид“ иако, како што реков, не е едноставно да се опстојува со ваква дејност на овие простори. Клубот многу пати се селел до сега, бил во разни простории на компании, кај приватни лица. Бевме едно време во „Трудбеник“, кога се затвори фирмата се преселивме кај еден од нашите нуркачи Игор Крстаноски, за сега конечно во изминатите три години да се скрасиме во спортската сала „Билјанини извори“, за што посебна  благодарност упатуваме до директорката на јавното претпријатие Гордана Јованоска. Мислам дека конечно се сместивме таму каде што припаѓаме, во СРЦ „Билјанини извори“. Просторот сами го уредивме со членовите, пријатели и помагатели. После 35 години мислам заслуживме да имаме свое место од каде ќе делуваме. – истакна Балевски.

Клубот за подводни дејности „Охрид“, во моментов има 25 активни членови, а го посетуваат и рекреативци кои неколку пати во годината доаѓаат на нуркање или учествуваат во некоја од акциите кои се реализираат

Ги имаме во мементов едни од најдобрите нуркачи во земјата, со големо искуство, кои можат да одговорат на сите задачи. Може да ги пуштите овие нуркачи каде сакате, нуркаат безбедно и на големи длабочини. Сме учествувале во многу акции, не постои нешто што се правело на територија на цела држава поврзано со нуркањето, а да немало активни членови на клубот, од акции за чистење, еколошки активности, до расчистување на езерското дно од бомби и експлозивни направи. Речиси сите членови се спасители на вода, членови на тимот на Црвениот крст, секоја година учествуваме во обезбедување на Водици на спортски манифестации, на маратони, секаде сме волонтерски присутни и ако некој заслужил фала од градот, секако е Клубот за подводни дејности. – смета Балевски.

Езерото се уште полно со отпад и рибарски мрежи, дното со експлозивни средства 

Нема вода во Македонија каде членовите на клубот за подводни дејности од Охрид немаат нуркано. Некои нуркања се исклучително захтевни, во темно, во големи длабочини. Посебен акцент е ставен на екологијата. Секоја година се реализираат акциии за чистење на езерското дно од отпад, кој се уште го има во големи количини и тоа треба да биде приоритет, но и предизвик и на општествените чинители и за целата јавност, сметаат од Клубот за подводни активности.

Ние не можеме да го извадиме целиот отпад со една акција или две во годината, можеме да влијаеме на свеста само. Голем број акции имаме направено до сега, некогаш и по две – три во годината. Има напредок, не многу голем, но има. Но, езерското дно се уште е многу загадено и тоа многу ми смета. Со уривањето на дивоградбите околу 80% од градежните и метални конструкции останаа во езерото, посебно во делот од Ј’но до Сараиште. Ми се плаче кога нуркам. Огромни железа има во вода во крајбрежниот дел и тие мора да се извадат. Дали државата или општината ќе финансира, тие мора да се извадат затоа што не личи на ништо. Сега не пловат многу бродовите и кајчињата, но што ќе им покажеме на туристите кога повторно ќе дојдат? Освен остатоци од рушевини, има потонати кајчиња, како и отпад кој граѓаните на Охрид, за жал, се уште го фрлаат во езерото. – истакнува Балевски.

Голем проблем од еколошки аспект претставуваат огромниот број рибарски мрежи оставени во езерото кои немилосрдно го уништуваат рибниот фонд. Чистењето на овие мрежи е возможно, но за тоа се потребни големи средства.

Некој тоа треба да го финансира. Ние нон стоп аплицираме со проекти, колку можеме даваме од себе, но не можеме сами да финансираме. Тие мрежи мора да се извадат. Во нив се заробуваат многу риби и сликата која ја гледаме е жална. При секое нуркање кога ќе сретнеме таков проблем ги сечеме мрежите кои плутаат во вода или ќе ги собереме во купче на дното. Кога ќе се скинат или завршат на дното тие не се повеќе опасност по рибниот фонд, затоа што така не ловат, туку скапуваат. – вели Емил Јовановиќ, член на Клубот за подводни дејности.

Толку многу работа има во полето на екологијата за нуркачите, буквално како за на работа. Да доаѓаат во 8 наутро и да работат со часови секој ден на чистење на езерото, сегмент по сегмент, 365 дена во годината. – додава Балевски.

Преку Дирекцијата за заштита и спасување во три наврати беа реализирани активности за чистење на Охридското Езеро од бомби и експлозивни средства кои тука завршиле во најголем дел во периодот на I Светска војна и пред тоа. Но, езерското дно крие уште такви воени средства кои треба да се отстранат.

Не е целосно разминирано дното на Охридското Езеро. Во трите акции кои беа реализирани извадивме преку 20 тона експлозивни средства. Но акцијата треба да продолжи. Како и кога не можам да кажам, затоа што таквите проекти одат преку Дирекцијата за заштита и спасување. Разбирам дека сега приоритет е борбата со пандемијата предизвикана од коронавирусот, но штом се нормализира состојбата мора да продолжат проектите за отстранување на експлозивните средства од дното на Охридското Езеро. Тие се опасност за луѓето, за пливачите, бродовите, за живиот свет во езерото. – вели Балевски.

Работат со опрема вредна илјадници евра, а добиваат минимална финансиска поддршка

Клубот се што работи и дејствува е на доброволна основа. За сите свои активности не зел ни 100 денари, вели Балевски. Посочува дека членовите ја купуваат сами својата опрема, а таа не е евтина.

Купуваме компресори, филтри, боци, се со свои пари. Во овој клуб секој негов член дал дел од својот живот. Во ова време не е едноставно тоа, да треба да одвоиш средства за ваква активност. Ќе кажам една анегдота, своевремено купив пераи за нуркање од 110 евра, ги донесов од Германија. После тоа требаше да одиме на свадба и жена ми ми рече сега облечи ги пераите за на свадба. Шега на страна, добро е што имаме една добра, цврста екипа, покрај тоа што нуркаме, многу и се дружиме, како едно големо семејство сме. Но, се има граници. Не сме одбиле никого каде што требало да помогнеме, но она што го добиваме како финансиска помош е во најмала рака смешно. Не може да финансирате Клуб за подводни дејности кој опстојува 35 години со минимални средства. Минатата година со многу молење единствено обезбедивме 60.000 денари од општината и толку. – посочува Балевски

Балевски истакнува дека клубот секоја година аплицира за спроведување еколошки акции во езерото, но финансиските средства повторно се најголемиот проблем.

Ние се што правиме, правиме волонтерски, затоа што ако гледате поинаку ние сме во чиста загуба. Треба 25 нуркачи да влезат во езерото опремени со опрема од над 2000 евра да вадат железо. Само оделото да го скине некој нуркач е над 400 евра, а ние добиваме некои смешни донации. Мора државата или градот да застане зад Клубот за подводни дејности со големи финансиски средства за да можеме ние тоа да го сработиме. Можеби ние не сме атрактивни, но тоа што ние го работиме не може никој друг. До сега сме сработиле х 100 од тоа што сме добилеа, а се купуваме сами. – рече Балевски.

Клубот, додадава Балевски, има квалитетна опрема во која инвестираат самите членови.

Секој член има своја опрема и тоа треба да е така, затоа што нуркањето е специфична работа, не може да се користи било каква или било чија опрема, тоа може да предизвика несреќа. Нуркањето е екстремен спорт и мора да се почитуваат строгите правила и прописи. И многу ми е драго што до сега кај нас сме немале тежок инцидент или несреќа со фатални поаследици. – рече Балевски.

Убавините на Охридското Езеро се уникатни ама загрозени, правилата за нуркање строги

Охридското Езеро има прекрасни подводни убавини. Тоа е едно од најубавите природни езера во светот, а малку сме свесни за тоа, велат од Клубот за подводни активности „Охрид“.

Најдобра нуркачка локација е Трпејца, убедливо. Таа е омилена меѓу нуркачите, поради чистотата на водата, длабочината, уникатноста на карпите и релјефор и подводните пејзажи. Не смееме да дозволиме ова подрачје да се уништува. Моментално Трпејца е многу загадена, посебно делот пред селото, речиси и да личи на Варош. Потребни се пречистителни станици. Мора да се заштити овој предел, ако не го направиме тоа ќе стане депонија. Државата и градот мора да реагират со ригорозни системски мерки инаку ќе ја изгубиме оваа природна убавина. Втората локација која ја сакаме се изворите на Св. Наум. Иако нема голема длабочина тоа место е неверојатно. Да му покажете на некој од надвор подводна фотографија од изворите во Св. Наум ќе мисли дека на море е направена. Толку е провидно и чисто Охридското Езеро, навистина е бисер, нема друго такво во светот каде може човек да појде со чаша и да се напие вода. За жал не сме свесни што поседуваме. Да живееш во Охрид и да имаш вакво езеро е привилегија и ако ние сами не сме свесни и не го заштитиме, нема да го оставиме за наредните генерации, ќе го направиме една обична бара. Имаме голема среќа што тоа има огромна самопречистителна моќ. – истакнува Балевски.

Протоколите на Меѓународната асоцијација „Скуба скул интернешнл“ се прецизни и тие мора строго да се почитуваат. Тоа важи и за длабочината до која еден нуркач може да се спушти.

Спортско рекреативно нуркање е до 18 метри, а најмногу до 40 метри. Тоа е така, затоа што се смета дека се над тоа не е многу безбедно. Можеби некому 40 метри му изгледа лесно, ама во вода да слезеш на 40 метри е голема длабочина, посебно во езерска вода каде што е ладно, каде температурата е 8 степени, а провидноста е ограничена. Ние имаме членови кои имаат и капацитет и знаење да се спуштат и на поголеми длабочини, но и тоа е врзано со финансии, затоа што за технички нуркања потребни се опрема, мешавини на гасови, кои чинат големи пари, а се неопходни за безбедно да може да се освојат и поголемите длабочини на Охридското Езеро. – истакнува Балевски.

Претседателот на Клубот за подводни активности „Охрид“, Д-р Горан Балевски, инаку и актуелен директор на охридската општа болница, е автор на книгата „Подводна хипербарична медицина“, која содржи специфики, дел поврзани и со освојувањето на големи длабочини.

Нема повеќе примероци од книгата која освен за нуркачите е наменета дел и за докторите. Планирам доколку смогнам сили да ја реиздадам. Се обидувам нешто и да допишам, да доистражам, но немам многу време. Хипербаричната медицина многу напредна. Излезе голема студија за намалување на процесот на стареење ако се диши континуирано кислород под притисок. Во моментов се работат уште две големи студии за лекување на Ковид 19 со хипербаричен кислород. Тоа се прави во големи центри, кај нас нема услови за тоа, затоа што треба да имате една комора која кога ќе заврши пандемијата ќе ја фрлите, бидејќи не постојат средства што може да ја исчистат од вирусот доколку низ неа минат стотици заразени. Имав неколку покани да учествувам во таа студија, доколку не бев назначен за директор на болницата во Охрид, сигурно ќе бев во странство и ќе работев на некоја студија за употреба на хипербаричната комора и кислородот за лекување на болести. Читам секој ден за тоа и мислам дека оваа процедура ќе стане и официјална за лекување на Ковид 19. – додава Д-р Балевски.

Подмладокот е иднината на Клубот за подводни активности Охрид

Радува што по стапките на своите родители одат голем број од децата на членовите на Клубот за подводни активности.

Нема нуркач, а да нема некој од неговата фамилија, а најчесто тоа се нивните деца, да не нурка со нас. Многу од нив се талентирани, како да се родени под вода. Во генетскиот код им е запишано да не се плашат од вода. Наша интенција е да примаме помлади членови. – истакна претседателот на Клубот за подводни дејности Горан Балевски.

Поради пандемијата со Ковид 19 нема да се одржи планираната прослава на која требаше да бидат доделени признанија и благодарници на сите што на било кој начин придонеле за постоењето и развојот на Клубот за подводни дејности „Охрид“ од Охрид, но клубот ќе продолжи да дејствува и да го прави тоа по што три и пол децении е препознатлив, да ги чува уникатните вредности на Охридското Езеро.

Горан Момироски
Видео и фото: Емил Јовановиќ