Извештајот на државниот ревизор покажува дека Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид, нема доволно редовно вработени професори, што влијае на целокупниот наставен процес. 

Ревизорскиот извештај посочува неправилности и во постапката за избор на ректор во 2012 и 2013. Во изборот направен во 2013 година прекршени се законските процедури предвидени за ваква постапка, а севкупните активности за избор на ректор почнале и завршиле во ист ден, што според ревизорот не даваат уверување во транспарентноста и регуларноста на постапката, се наведува во извештајот.

Во одговорот до ревизорот, Универзитетот посочува дека не може да даде одговор на забележките кои се однесуваат на изборот на ректор во 2012 година, бидејќи тоа се однеува на работата на претходната управа, додека на забелешките за изборот на актуелниот ректор во постапка спроведена во само еден ден не гледаат ништо спорно.

Според ревизорскиот извештај, во текот на 2015 година по основ на договори за ангажирање на визитинг професори од странство, универзитетот исплатил вкупно 2.627 милиони денари ( 42.700 евра), за што немало соодетна документација, односно недостасуваат видентни листови кои ќе го потврдат присуството на визитинг професорите. Во ревизијата се наведува и дека за академската 2014-2015 година и 2015-2016 година склучени се 6 договори за давање на интелектуални услуги со странски наставен кадар, без притоа да биде запазена постапката за избор на наставници од странство, како и дека nекои од договорите се склучени без јавен конкурс објавен во релевантни светски медиуми, а во дел не е наведено за која научна област и за кои предмети се ангажира наставникот. 

Од универзитетот тоа го објаснуваат со спецификата на дејноста која ја има.

Универзитетот во одговорот на забележките посочени од ревизорот посочува дека недостигот на кадар во редовен работен однос е проблем со кој Универзитетот се соочува од основањето. Проблемот го гледаат во недостатокот на согласност за вработување и најавуваат дека ќе испратат ургенција до министерството за образование за забрзување на постапката за одобрување на Правилникот за внатрешна распределба на средствата. 

OhridNews