ГРК Охрид и Борис Ројевиќ ја продолжуваат успешната приказна. Клубот го продолжи договорот со српскиот стратег за уште една година, со што Ројевиќ ќе остане на клупата на „гладијаторите“ до 2029 година.

Ројевиќ е творец на најголемиот успех во историјата на охридскиот ракомет. Под негово водство ГРК Охрид минатата сезона стигна до првиот европски трофеј во клупската историја, освојувајќи го ЕХФ Европскиот куп, со што испиша нова страница во спортската историја на градот.

Продолжувањето на соработката е потврда на довербата меѓу клубот и тренерот, но и јасен сигнал дека амбициите не завршуваат со европскиот успех. Во периодот што следува, ГРК Охрид сака да направи уште еден исчекор – да ја нападне шампионската титула во домашното првенство и да се бори за што повеќе трофеи на сите фронтови. За тоа ќе има континуитет на клупата.

Ројевиќ успеа да изгради препознатлив тим и силна врска со Охрид. Градот, езерото, атмосферата во клубот и поддршката од охридската публика и навивачите очигледно го направија своето – „Роја“ се врза за Охрид, а Охрид за Роја.

Нов договор до 2029 година, високо поставена летвичка и уште повисоки цели. По историската европска круна, следниот голем сон е јасен – Охрид да стигне и до врвот на македонскиот ракомет.

OhridNews