Македонската фудбалска репрезентација остана без бодови во првиот натпревар од квалификациите за пласман на Мундијалот во Катар, претрпувајќи пораз 3-2 (1-0) од Романија, на Националната арена во Букурешт.

„Црвено жолтите“ според сите случувања на теренот заслужија бод во Букурешт, затоа што одиграа добар натпревар, со два брзи погодоци се вратија од негатива 2-0 но романците со трет погодок во мрежата на Столе Димитриевски ја обезбедија победата.

Првата прилика на мечот и припадна нашата селекција. Несторовски имаше две шанси во серија, но во ниту една не успеа сериозно да се закани. Романија во период од три минути два пати се закани. Ман шутираше во добро поставениот Димитриевски, а слична исход имаше и ударот на Банку.

Потоа следуваше шанса за Пандев, кој проба со лоб удар да го матира домашниот голман. Казната за неискористените прилики стигна во 28-та минута кога Танасе со одмерен удар го совлада Димитриевски. На Македонија и требаше многу време да се соземе. После седум минути Елмас имаше супер прилика, но неговиот удар ја погоди надворешната мрежа од голот.

На стартот од второто полувреме Романија го дуплираше водството. Михаила во 50-та минута со евро гол ја погоди мрежата на Димитриевски.

Вториот погодок не ја поколеба Македонија, која тргна уште порешително да напаѓа кон голот на романците. Најзрелата прилика во периодот околу 60-та минута ја имаше Адеми но домашниот голман со чудесни интервенции ја зачува мрежата. Македонските репрезентативци теренската иницијатива ја крунисаа од 82-та и 83-та минута кога постигнаа два погодоци. Најпрвин, Адеми после асистенција на Алијоски намали на 2-1, а минута подоцна Трајкоски со гол го круниса додавањето на Барди.

Радоста во македонскиот табор кратко траеше, бидејќи романците во 86-та минута преку Хаџи погодија за 3-2. Одбраната која не беше на ниво во Букурешт неспретно реагираше, а Хаџи ја казни Македонија на суров начин.

Шанса за залечување на раните од поразот во Романија, Македонија ќе има на 28 март (недела) во пресметката со Лихтенштајн, на Националната арена во Скопје.

  • Состави:

Романија: Нита, Банку, Брука,  Kирикеш, Попеску, Марин, Станчиу, Коман, Танасе, Ман, Кесеру

Македонија: Димитриевски, Бејтулаи, Муслиу, Ристевски, Ристовски, Алијоски, Барди, Николов, Елмас, Пандев, Несторовски.

OhridNews