Македонија е земја во која решеноста на Вашингтон да остане доминантна сила на Балканот почнува да излегува на површина, додека расте стравот од „Голема Албанија“, смета Маркус Пападопулос, уредник на весникот Politics First кој излегува два пати во месецот и се занимава со теми поврзани со работата на британскиот парламент, пренесува „Макфакс“.

Во коментар за Russia Today (RT), руски медиум под контрола на Кремљ, Пападопулос наведува дека САД имале значајна улога во распадот на СФРЈ, како и дека распадот на Југославија бил преседан поставен за идните американски интервенции во Авганистан, Ирак, Либија и Сирија.

Подолу во кометарот стои дека Хрватска, Босна и Косово биле платформа за концепт на хуманитарни интервенции на Западот, за кои се вели дека биле само повод за зачувување и унапредување на американската глобална хегемонија.

Според Пападопулос, САД и денес имаат јасно изразени интереси на Балканот.

„За Вашингтон, помагањето да се разбие Југославија не помогна само да се создадат мали држави сојузници на Америка туку и да се држи Русија надвор од Балканот или да се ограничи нејзиното влијание во регионот. Американското присутво на Балканот им овозможува на креаторите на американската политика да го прошират своето влијание и надвор од регионот, како на пример воената база Бондстил во Косово“, пишува Пападопулос и потсетува дека Бондстил е една од најголемите американски прекуокеански бази која може да прими 7.000 војници.

Понатаму во текстот се наведува дека Косово, Хрватска и Босна се американски сојузници, но дека процесот на колонизација на Балканот не е завршен.

„На патот на потполна доминација на САД во регионот стојат Русија и Србија. Низ својата историја, Србија им одолеваше на окупаторите, од Отоманската империја, преку австро-унгарското царство, до германската империја и Третиот рајх. Меѓутоа, од падот на Слободан Милошевиќ во 2000 година, САД почна да ја колонизира Србија. Денес во клучни српски институции постојат воени канцеларии на НАТО. Тоа е најголемо понижување за Србите имајќи предвид дека претставници на НАТО седат во истата зграда која делумно ја уништија во бомбардирањето во 1999 година,“ наведува Пападопулос, кој инаку е доктор на науки за руската историја и специјалист за поранешниот Советски Сојуз и Југославија.

Под американско покровителство започнаа да се обликуваат темелите на создавање на Голема Албанија. Области кои спаѓаат во неа го вклучуваат Косово, делови од Македонија, како што е Тетово, потоа Прешевската долина во Србија, како и делови на Црна Гора, наведува авторот со напомена дека Македонија е независна 26 години но и дека понатаму е слаба, и дека Албанците се четвртина од жителите на земјата.

„Додека Вашингтон игра на албанска карта во Македонија, земјата би можела да исчезне или да се намали, со што ќе се ограничи било какво руско влијание таму. Делови на Македонија во кои доминираат Албанци би можеле да се обединат во една целина и да го повторат тоа што го направи Косово: да станат де-факто независни и еднострано да прогласат независност. Тоа би требало да послужи како предупредување до Србија. Имено, ако Србија продолжи со сегашните антизападни чувства, тогаш Голема Албанија би можела да се прошири во Србија, додека Американците ќе ги поттикнуваат и вооружуваат сепартистите во Прешевската долина,“ пренесува RT.

И на крајот се наведува дека Доналд Трамп нема да ја менува политиката во однос на Балканот. Иако дојде до промена на чело на САД, Вашингтон нема да направи значајна промена на американската политика на Балканот, особено не кон Албанците. Цитирајќи делови од честитката која Трамп му ја упати на Хашим Тачи на 17 фебруари, на денот на еднострано-прогласената независност, авторот нагласува дека новиот американски претседател изразил целосна поддршка на Косово.

OhridNews
извор: „Макфакс“