Совеста за чување и заштитување на природата кај  поединци и понатаму е на многу ниско ниво. Наместо да го третираат градежниот отпад онака како што тоа е пропишано со законските прописи и да ги повикаат надлежните служби да го подигнат, очигледно за нив многу поедноставно е да го одлагаат каде ќе стигнат.


И покрај напорите на надлежните и бројните апели за подигање на совеста на поединци , градежен шут и понатаму може да се забележи покрај пешачките патеки на паркот каде се рекреираат голем број охриѓани, но и странски туристи.


Од ЈУНП „Галичица“ потенцираат дека токму за чистење на паркот од вакви диви депонии во текот на 2010 и 2011 биле потрошени 20.000 евра во рамки на „Проектот за поддршка на НП Галичица“ при што биле подигнати 700 камиони отпад.

Покрај тоа во неколку наврати во соработка со јавните претпријатија „Комуналец“ и „Македонија пат“, чистен е и главниот пат до Св. Наум , како и пристапните патишта до населените места во паркот. За да се избориме со несовесните поединци за вкупната површина од 25.000 хектари на која се протега паркот би ни требале 25.000 чувари кои би го штителе, доколку не се промени совеста кај оние кои го одлагаат отпадот во паркот. Морам да потенцирам дека тоа сепак го прават луѓе кои не живеат во рамки на националниот парк, вели Наумче Новески од ЈП Национален парк Галичица.

Т.К.