За потребите на вештачкиот мрест на ендемската охридска пастрмка до овој момент се собрани 1,7 милиони зрна икра, што е за 40 отсто повеќе од минатата година. Тоа според одговорните во Хидробиолошкиот завод -ХБЗ Охрид, се должи на зголемената физичка заштита на езерото од страна на концесионерот.

-Кога ќе има стопан кој се грижи за рибниот фонд ефектот ќе биде подобар. Тоа се покажа на дело дека физичкото обезбедување е многу подобро од минатото и не само за пастрмката, тоа ќе продолжи за сите видови риба.-изјави Зоран Спиркоски од ХБЗ Охрид.

ХБЗ очекува до крајот на риболовот за вештачки мрест во март, да се соберат над 2 милиони зрна икра. Научниците ги охрабрува и тоа што пастрмката годинава се враќа во природните мрестилишта во Трпејца и Пештани, што не е случај со охридскиот дел. Тоа според нив се должи на големиот број  потонати мрежи кои содржат риби кои се распаѓаат, поради што зрелите единки не положуваат икра во тие плодишта. Затоа ХБЗ размислува за набавка на софистицирана опрема за чистење на езерското дно од потонатиот риболовен алат.

-Можност за извлекување на тие мрежи постои. Ние како институција неколку пати сме барале да се обезбедат  малечки робот подморници без човечки екипаж, кои имаат  механичка рака која може да го отстрани риболовниот алат од езерското дно. Треба да се изврши видео снимање и лоцирање на местата со пловки каде што се таквите мрежи  и потоа да бидат подигнати.-изјави Спиркоски.

И натаму отворено останува прашањето за заедничка заштита на рибниот фонд со Албанија, кое треба да биде решено на политичко ниво. Од ХБЗ укажуваат дека со албанските колеги ја изготвиле целата потребна техничка документација, и дека сега останува на владите да покажат добра волја и да го потпишат долго најавуваниот билатерален договор , без што, ниту Македонија, ниту Албанија не ќе можат да користат средства од ЕУ за унапредување и заштита на рибниот фонд во Охридското Езеро.

Горан Момироски