Самостојна изложба „Дијаграми на отелотворување“ на уметникот Иванчо Талевски ќе биде отворена во сабота, 18 јули, во 20:00 часот во Куќата на Робевци – НУ Завод и Музеј Охрид. Ова е прва самостојна изложба на Иванчо Талевски во Охрид.

Почнувајќи од 2015 година, за време на честите патувања на релација Битола – Филаделфија, Талевски преку своите цртежи ги бележи времето и просторот, реагирајќи на различни искуства, општествени процеси, настани и локации.

Цртежите произлегуваат од секојдневните прошетки низ двата града и создаваат еден вид меѓупростор во кој се вкрстуваат различни географии, јазици, сеќавања и идентитети. Преку нив, авторот ги истражува односите меѓу телото и тлото, индивидуалната и колективната меморија, минатото и можните иднини.

Во изложбениот проект е вклучено и новото дело „Дремка ми се дреме“, создадено како пресек меѓу јазикот на цртежот и долгогодишното експериментирање на авторот со сликарскиот израз.

Иванчо Талевски е мултидисциплинарен ликовен уметник и професор кој живее и работи на релација Битола – Филаделфија, САД. Неговите дела и проекти биле претставени во бројни интернационални музеи, галерии, биеналиња и триеналиња во Њујорк, Филаделфија, Лос Анџелес, Брисел, Сеул, Токио, Краков, Тајван, Кина и Скопје.

Добитник е на повеќе меѓународни награди, признанија и грантови, меѓу кои и поддршка од фондациите „Полок-Краснер“, „Елизабет Гриншилдс“ и Фондацијата за иновации во уметноста „Сакс“.

Влезот е слободен.

OhridNews