Во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид утре ќе биде отворена самостојната изложба на уметницата Славица Танеска, насловена „Борба без победник – отворено дело на преобразби и раскол“.

Станува збор за нејзина 13 самостојна изложба која, вели Танеска, има посебно значење и поради тоа што ја прави во нејзиниот роден град Охрид, каде се нема претставено многу години, од нејзиното запишување во средно уметничко училиште. Посочува дека во Охрид има отворено две самостојни изложби, првата пред повеќе од 15 години, која била најпосетен настан организиран во ЦК „Григор Прличев“ со преку 200 посетители и уште една за која исто така имало огромен интерес со над 150 посетители.

Овој пат, носталгично одлучив да се презентирам во истиот простор и повторно изложбата да ја отвори познатиот ликовен уметник Славко Упевче. Разликата е во тоа што тогаш се презентирав како нова надеж за уметноста во Охрид и Македонија, а сега сакам повторно да ја почастам публиката со нешто што сметам дека е најдобро до сега подготвено од мене, прикажувајќи зрел концепт зад кој стои веќе оформен и остварен уметник, истакнува Танеска.

Темата на изложбата, посочува, е поврзана со нејзините долгогодишни истражувања кои прво започнале со прикажување на птици, за потоа да преминат конкретно во петли кои поставени во борба се всушност само симбол и алегориски приказ на борбите на луѓето.

Кога ќе погледнеме во историјата, ќе забележиме дека човекот од секогаш бил во борба. Прачовекот веројатно бил во борба со оние од другите племиња, понатаму со текот на еволуцијата борбите се усовршувале и стигнувале до најмасовни и најголеми како Првата и Втората светска војна. Ако погледнеме и денес ќе видиме дека светот сеуште е во војни конфликти и раздор меѓу себе. Борбите на човекот секако дека се повеќе од само војните, човекот не ретко има и свои лични битки кои ги води конфликти од најразличен тип, со разни „непријатели“ или пак можеби, пријатели, па дури и борби помеѓу браќа, сестри или партнери… Насловот на изложбата е инспириран од тоа дека колку и да има борби, на крај никогаш немаме конечен победник или пак некој што има крајна корист, туку секогаш бробите тераат на нови борби и нови загуби.

Поднасловот на изложбата, вели, е подлабок и е насочен кон уметничкото истражување кое што сеуште и после толку години работа е отворено дело на кое секогаш може да се дополни со нови гледишта кон темата која е неисцрпна и секогаш останува отворена.

Во изложбата има преобразби на начинот на сликање и стиловите исто како во историјата на уметноста, бидејќи и уметноста под различни влијанија и промени на човештвото, вклучувајќи ги тука и борбите, се менувала. Така сликите започнуваат од реалистичен приказ на нештата, мир и хармонија, а понатаму се менуваат вклучувајќи дрипинг (фрлање на боја), енергично сликање, а на крај завршуваат со инсталации како одраз на новото време и изразот во него. Петелот се деконструира од приказ, слика до пердув односно основното нешто до кое тој може да биде разложен, додава Танеска.

Изложбата ќе биде отворена во 20 часот.

OhridNews