Проблемот со излевањето на фекалиите во близина на каналот Студенчишта и Центарот за едрење е решен, информираат од ЈП Нискоградба. Нивните екипи во текот на овие два дена работаат на отстранување на откриените дивопоставени цевки за одведување фекалии приклучени на одводот на атмсферската вода која директно кај Центарот за едрење се влева во езерото.

На улицата “АСНОМ”, на пресекот на Булеварот “Туристичка” со улицата “Никола Карев” откривме диви прклучоци, поради кои во изминатиов период доаѓаше до одлевање на фекалиите преку цевката за атмосферската вода кај Центарот за едрење. Наредните денови ќе следува и чистење на талогот од фекалии од цевката. Од наша страна постојано се вршат проверки, но тешко се откриваат дивите приклучоци кои ги направиле несовесните граѓани. За решавање на ваквите проблеми треба да се вклучат и инспекциските служби, велат од ЈП Нискоградба.


Со тоа, проблемот за кој пишуваше OhridNews засега е решен, додека не се случи повторно истото да го направат и други несовесни сопственици на станбени објекти.

Како што веќе информиравме, поради излевањето на фекалиите преку цевката за одведување на атмосферската вода кај Центарот за едрење, водата на тој потег од езерото, според најновите мерења на Заводот за здравствена заштита покажуваа дека станува збор за вода со висок степен на загаденост од петта категорија.  

OhridNews