Езерската полиција и Капетанијата на пристаништата ги засилија контролите на Охридското Езеро по неколкуте несреќи што деновиве ги предизвикаа скутери, во кои едно лице го загуби животот, а три беа повредени.
-Направивме контрола во струшкото крајбрежје заедно со Капетанијата и поднесовме3 прекршочни пријави против лица  кои управуваа скутери во безбедносната зона од 300 метри оддалеченост од крајбрежјето, изјави Стефан Димоски портпарол на СВР Охрид.
Со цел да се спречат несреќите, Министерството за транспорт и врски осум дена порано од предвиденото, ја активираше забраната за пловидба на скутери во периодот од 11 до 18 часот. Посетителите на плажите ја поздравуваат таквата одлука, но сметаат дека таа само по себе нема да ја подобри безбедноста на капалиштата, доколку не биде доследно спроведена.
-Дефинитивно тоа е добра одлука, но за да функционира во реалноста ќе треба надлежните институции да ги засилат контролите и да ги казнуваат прекршителите, бидејќи не се чувствуваме безбедно на плажите, вели турист
-Треба повеќе да се присутни надлежните служби на плажите, додава друг турист.
Покрај во вода, посетителите на плажите реба да внимаваат и на личните работи кои ги носат со себе, бидејќи со зголемувањето на бројот на туристи расте и бројот на кражби. Деновиве охридската полиција во соработка со секторите за внатрешни работи од други градови разби петчлена криминална група која оперирала на плажите во Охрид и Струга.
Горан Момироски