Заклучно месец мај во уписникот за чамци на Капетанијата на пристаништа запишани се вкупно 1.113 пловни објекти. Од нив, потврдена е способноста за пловидба, односно важечка дозвола за пловидба имаат 436 чамци, 50 скутери, 171 глисер и 215 останати пловила од категоријата чамец, информираат од министерството за транспорт и врски.
 
Од пловните објекти од категорија брод, потврдена е способноста за пловидба за 3 пловни објекти во Охридско Езеро, од кои 2 се со носивост од 150 патнички места, а еден пловен објект од категоријата брод е со капацитет од 80 патнички места.
 
Од министерството потенцираат дека Капетанијата на пристаништа Охрид континуирано врши надзор над имплементацијата на одредбите од Законот за внатрешна пловидба и во соработка со Министерството за внатрешни работи – Езерска полиција врши редовни контроли во однос на почитувањето на законските прописи. Согласно Законот за внатрешна пловидба, предвидени се санкции за сите кои ќе вршат пловидба со пловен објект, без да ги поседуваат потребните дозволи.
 
Од министерството потсетуваат дека од 20. јули стапува во сила ограничувањето на пловидбата на пловните објекти на Охридското езеро, која се однесува на пловните објекти „скутери“ кои се со јачина поголема од 45 kw кои можат да пренесуваат максимум 3 лица. Ограничувањето важи за периодот од 11.00 до 18.00 часот, секој ден и важи за целата водена површина на Охридското езеро.

Забраната ќе трае до 20 август.

–    Ова ограничување на пловидбата на скутерите е согласно Одлука на Владата на Република Македонија, која е донесена за заштита на граѓаните и сите домашни и странски посетители на езерата, односно поголема безбедност на капачите и заштита на животната средина на природните езера и истата не се однесува само на скутерите кои се наменети за службени потреби за вршење на инспекциски, царински и полициски надзор, напоменуваат од министерството за транспорт и врски.

OhridNews