ЕМО денес е банкротирана фирма,или трагедија на судбини, изјави претседателот на општинската организација на СДСМ, Наум Јованоски.

– Заклучно со месец септември 2009 година претпријатието остварило загуба од 63 милиони и 716 илјади денари. До крајот на годинава долгот најверојатно ќе се дуплира. Над илјада вработени немаат земено плата повеќе од 3 години. Плата,поточно социјална помош, земаат само вработените во новоформираните ДОЕЛИ, но и тие последна плата односно социјална помош имаат земено заклучно со месец септември 2009 година, рече Јованоски.

Претседателот на СДСМ – Охрид, истакна дека на последниот работен ден од 2009 година под притисок и закани за штрајк работниците во ЕМО биле исплатени се линеарно по 5000 денари во кеш. „Вака ли Груевски ја практикува законитоста во РМ?Додека жителите на руралните средини кои собираат смреки,мов и печурки за да ја обезбедат својата егзистенција,ги тера да отвараат трансакциски сметки,а во државна фирма како ЕМО дели пари во кеш“ – праша Јованоски.

Тој обвини дека во текот на 2007 и 2008 година со дисциплинска постапка од ЕМО се избркани над 100 вработени, односно како што рече, во безизлез,од ЕМО си отишле над 230 вработени, а како технолошки вишок прогласени се повеќе од 210 вработени или  близу 600 вработени по разни основи се избркани од страна на новото раководство.

-Од оваа бројка,повеќе од 70 % е стручниот кадар на ЕМО поточно оној кадар кој беше способен да најде некаков излез. И додека способните заминуваа дојде ново криминално и нестручно раководство кое се грижи само за своите лични интереси,и само колку за информација нивните плати се движат до 3000 евра, заврши Јованоски.

Ohridnews