ОК ВМРО ДПМНЕ – Охрид денеска, пак, ја отворија темата за намаленото ниво на Охридското Езеро. Ништо не е спорно – намалениот водостој е факт. И секако не загрижува сите. Но треба здраворазумно да се размислува дека за ова што последниве месеци му се случува не само на Езерото туку и на останатите водени ресурси во земјава, па и пошироко не се виновни ниту СДСМ, ниту градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески, ниту пратеничката Жаклина Лазаревска. Ова меѓу другото стои во реакцијата на Центарот за комуникации СДСМ – Охрид, на денеска одржаната пресконференција на ОК ВМРО ДПМНЕ Охрид, во врска со неповолната хидролошка состојба на Охридското Езеро.

И од ВМРО ДПМНЕ добро знаат дека годинава имаме значително помалку врнежи од дожд и снег. Но, ним и треба само тема преку која ќе може да ја плукаат власта, независно дали се во право или не, велат од владејачката партија.

Денеска, токму мојот поранешен ученик Александар Здравески се осмели да направи моја макета од картон – демек пародија за она што некогаш сум го говорела, вели пратеничката Лазаревска и додава: – Среќна сум што тој еве она што го научил некогаш од мене од ИТ технологијата сега добро го применува. Тој и сите од ВМРО ДПМНЕ и јавноста нека знаат дека СДСМ како одговорна партија се залага за заштита на животната средина и Езерото, но против природната нерамнотежа и лошата хидролошка состојба тешко е да се бориме. – изјави пратеничката Лазаревска.

СДСМ и пред само десет дена реагираше на изјавата на екс министерот за земјоделство Цветан Трипуновски од ВМРО ДПМНЕ, дека тераат политиканство. Како што објавија и АД Електрани, ХЕС Црн Дрим управува со истекот на вода од Охридско Езеро и предизвикува регулирано осцилирање на нивото, при тоа секогаш водејќи сметка тоа осцилирање да го следи природното, што значи во месеците мај-јуни да ја достигне максималната вредност а во октомври – ноември минималната, истакнуваат од СДСМ.

Според издадената водостопанска дозвола од Министерството за животна средина, дозволено е осцилирање помеѓу котите 693.10 и 693.75. Оваа 2020 година е значително сува година и со остварено производство на електрична енергија на ХЕС Црн Дрим од само 70% од просечното. Согласно обврските од Водостопанските дозволи, Владата предводена од СДСМ донесе одлука да се запре со производство на електрична енергија од хидропотенцијалите, со цел да се заштити животната средина и биодиверзитетот. Планирано е испуштање на вода само за обезбедување на биолошкиот минимум на реката Црн Дрим, со што и нивото престанува да се намалува ада се мнадеваме дека конечно со доаѓањето на есенските врнежи ќе почне и да расте. – се вели во соопштението на Центарот за комуникации СДСМ – Охрид.

OhridNews