Централниот Одбор на владејачката СДСМ на седницата што попладнево се одржа во Охрид избра нов Извршен одбор на партијата. Денеска избравме 16 членови на Извршниот Одбор од коишто 9 се жени, изјави лидерот на партијата Зоран Заев.

Членови на ИО се: Фросина Ременски од Ѓорче Петров, проф. на Факултетот за безбедност, Благојче Бочварски, актуелен градоначалник на Штип и дипломиран архитект, Рената Десковска, од Кисела Вода и Аеродром, проф. д-р на правни науки и актуелен министер за правда, Костадин Костадинов од Струмица, дипломиран економист и актуелен портпарол на СДСМ, Есра Салихи од Арачиново, дипломирана на Филолошкиот факултет во Скопје, Ѓоко Танасовски од Охрид, дипломиран Машински инжињер и актуелен директор на Царинската управа, Весна Ѓершанд од Сопиште, проф. д-р на ПМФ, Васко Талески од Битола, дипломиран правник, Тања Стојановска Иванова од Карпош, проф. д-р на Филолошкиот факултет, Драган Тевдовски од Аеродром, проф. д-р на Економскиот факултет и актуелен министер за финансии, Љатифа Шиковска од Шуто Оризари, дипломиран професор по физичка култура, Стефан Богоев, актуелниот Градоначалник на Карпош, магистер по економски науки, Кети Василевска од Гостивар, дипломиран правник, Нина Велкова од Кочани, инжињер по индустриска логистика, Петре Шилегов од Карпош, односно актуелниот градоначалник на Скопје, дипломиран правник, и Маринела Ојлевска од Струга, дипломиран економист. – истакна Заев

За организационен секретар на партијата е избран Душко Весковски, магистер по човечки ресурси и досегашен претседател на ОО СДСМ Карпош, а за секретар за меѓународна соработка политикологот Дане Талески. За директор на Центарот за истражување и анализа на СДСМ е избран Мартин Попов од ОО СДСМ Центар, информираше Заев.

Премиерот истакна дека СДСМ нема да носи одлука за предвремени парламентарни избори, туку ќе се оди на реконструкција на владата, бидејќи е извесно оти земјата оваа година ќе ги почне преговорите за членство во ЕУ.

Без разлика дали одлуката ќе биде донесена во јуни или во октомври, во декември фактички почнуваат самите преговори, отварањето на поглавјата 23 и 24 и навистина два или три месеци не се толку важни, но важно е да биде конечно донесена одлуката. – рече Заев.

Заев во изјава за медиумите најави реконструкција на осум министри, како и на дваесеттина раководители на државни и јавни претпријатија.

OhridNews