На вчерашната седница на Советот на Општина Охрид советниците од СДСМ предложија да се расправа за, како што се вели во партиското соопштение, незаконската изградба на хотелот во Лагадин, односно да се стопира неговата нелегална изградба. Партијата посочува дека пред неколку дена, Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам достави барање до градоначалникот на Охрид за поништување на одобрението за градба на спорниот хотел, но дека истото не се почитува. Истовремено, се огласи и Државниот инспекторат за животна средина, кој тврди дека општината незаконски ја усвоила урбанистичката документација за Лагадин без да го утврди еколошкото влијание.

„Кога се донесуваше спорниот план за Лагадин, советниците од СДСМ гласаа против, затоа што и тогаш тврдеа дека се кршат законските одредби за градење и за заштита на животната средина. На спорната локација во Лагадин веќе два месеци се работи интензивно, а локалната власт одбива да постапи по барањето на надлежните државни органи. Затоа вчера советничката група на СДСМ побара хитно и неодложно стопирање на незаконските градежни активности во Лагадин.

Но, за жал, владеачкото мнозинство повторно одби да ги признае аргументите и не ја прифати иницијатива од советниците од СДСМ да се расправа за овој горлив проблем. Очаен беше обидот на претставничката од Секторот за урбанизам при локалната самоуправа да ја убеди охридската јавност дека биле испочитувани законските прописи при донесувањето на планската документација и при издавањето на одобрението за градба. Смешно звучеше објаснувањето дека бил испочитуван Законот за просторно и урбанистичко планирање и неговите подзаконски акти, небаре се донесувала планска документација за некое зафрлено непристапно село на некоја ледина. Одговорните во секторот за урбанизам намерно и тенденциозно го „заборавија“ фактот дека станува збор за најелитната и најатрактивната туристичка населба на охридското крајбрежје, која истовремено е и дел од Националниот парк Галичица. Поради фактот што се работи за градба во заштитен појас на помалку од 50 метри од брегот на природно езеро, задолжително морала да биде изготвена оценка за влијанието врз животната средина, што не е направено. Покрај тоа, во постапката за донесување на планската документација и за издавање на одобрението за градба, прекршени се и поголем број законски одредби од Законот за градење, Законот за заштита на езерата, Законот за управување со природното и културното наследство, Законот за животна средина, Законот за води, Законот за заштита на природата, Законот за Националниот парк Галичица и др.

Со ваквото несфатливо однесување, градоначалникот и советниците од ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш покажаа дека воопшто не водат сметка за општите интереси на охриѓани, туку дека се раководат исклучиво од личните партиски и бизнис интереси на поединци. Со огромно жалење СДСМ Охрид констатира дека ова е само уште еден од многуте примери во Охрид каде што локалната власт во заминување свесно го уништува и загрозува нашето природно наследство. По промената на власта, која ќе се случи наскоро, ќе има конкретна одговорност за таквото несовесно, нестручно и неодговорно однесување на надлежните раководни лица.“ – стои во соопштението на ОО на СДСМ Охрид.

OhridNews