За актуелната власт парите и профитот се поважни отколку граѓаните и нивното здравје, сметаат од општинската СДСМ.
Како што истакна на денешната прес конференција , претседателот на ОО на СДСМ, Науме Јоованоски, се покажало дека играта со тендерите и нивното поништување е само пуста желба за поголем профит, кој останува исклучиво во кругот на фамилијата.


Играта се откри, заврши. Болницата ќе ја догради дедото на зетот, пратеникот и висок функционер во ВМРО- ДПМНЕ, Александар Спасеновски. На наводна електронска аукција, од страна на министерството за здравство е избрана токму фирмата на дедото на Спасеновски, ДОО „Виа“ од Вевчани, на чија сметка ќе легнат најмалку 200 милиони денари. Да видиме дали конечно реконструкцијата на болницата ќе заврши за осум месеци или пак повторно таа ќе биде пролонгирана и ќе бидат потрошени милиони денари, рече Јованоски.


Тој потенцира дека сеуште, од страна на  надлежните, не се открива кој ќе ја понесе одговорноста за грешките на претходно избраните изведувачи и потрошените пари.

Пресот на претседателот на СДСМ, беше проследен и од страна на директорот на болницата, Љубен Арнаудов. Тој потенцира дека сите сили се вложени за од старата руинирана болница да се направи нова, современа регионална болница.


Тој ги отфрли обвинувањата за непотизам и рече дека фирмата која сега ги изведува градежните зафати, била избрана на јавно објавен тендер и како најсоодветна според цената која ја понудила за изведување на градежните работи и квалитетот во работењето.

Точно е дека имаше проблеми со претходните фирми кои не ги извршуваа обврските согласно потпишаниот договор, па затоа се заклучи дека тие повеќе не се способни да ја градат болницата и се распиша нов тендер кој беше отворен за сите заинтересирани кои ги исполнуваат условите. Се јави и фирмата која го доби тендерот, на која и беше побарано да депонира финансиски средства како гаранција дека болницата ќе ја изгради во рок од осум месеци. Непотизмот е од времето на социјализмот, во капитализмот сите се рамноправни, потенцира директорот Арнаудов.

Т.К.