Општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ од Охрид ја испушти најдобрата шанса за демократизација и суштинска реформа на партијата, велат од општинската СДСМ во врска со новиот состав на ОК на ВМРО ДПМНЕ.
– Сметаме дека во најмала рака е иронично во „новиот состав на ОК на ВМРО ДПМНЕ Охрид” да се појават вакви имиња. Дел од нив, нема да посочуваме, бидејќи граѓаните најдобро ги препознаваат, се докажани следбеници на погубната и поразителна политика на Груевски и фамилијата. За дел, во тек се кривични постапки, а најголемиот дел се роднини и блиски пријатели на исвиркани политички моќници од централата кои очигледно не планираат да се откажат од влијанието во донесување на партиските одлуки по општинските комитети. Жално но вистинито, овие промени многу наликуваат на фиктивните кадровски „реформи” на Груевски кои го доведоа на буништето на македонската политика, велат од ОО на СДСДМ.
Од партијата додаваат дека за СДСМ Охрид како политичка партија се добредојдени ваквите потези на опозицијата, но дека тие се штетни за државата.
– Најискрено се надевавме на една реформирана, конструктивна опозиција која ќе се врати на својата идеологија и идеолошки заложби од времето кога ВМРО ДПМНЕ беше политичка партија, а не продолжување на криминалното здружение кое го формира Груевски, велат од СДСМ.
OhridNews












