На напуштањето на седницата на Совеот од страна на советниците на ВМРО ДПМНЕ, со соопштение реагираше општинската организација на СДСМ, според која таквиот чин претстсвува политички маркетинг. Во соопштението се вели:

„Вчера ВМРО-ДПМНЕ од Охрид конечно го достигна врвот на хипокризијата, политиканството и злоупотребата на политичките функции. Вчера ВМРО-ДПМНЕ од Охрид по кој зне кој пат покажа дека најважната работа за нив претставува политичкиот маркетинг и сопственото ситно-партиско саморекламирање. Но, за разлика од нивната досегашна вообичаена пракса, овој пат тоа го направија на еден крајно бескрупулозен начин, злоупотребувајќи ја личната несреќа на семејствата, чии домови беа поплавени во завчерашните временски непогоди. На тој начин, ВМРО-ДПМНЕ од Охрид, со еден крајно вулгарен, навредлив и недостоен однос кон нашите граѓани, недвосмислено покажаа дека крајно ги омаловажуваат интелигенцијата, чувствата и достоинството на охридската јавност.
      
Како инаку да се протолкува театралното напуштање на седницата на советот од страна на советниците од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, во моментот кога беше најважно и најпотребно да се донесуваат најважните одлуки за животот на сите граѓани во Општина Охрид. На советниците од ВМРО-ДПМНЕ и нивните коалициони партнери им беше поважно да им послужат како безгласен декор на пратеникот Цветко Грозданов и заменик министерот Спиро Ристовски, и двајцата од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, отколку да ги извршат своите професионални политички обврски и задачи, поради кои и се избрани од страна на граѓаните како нивни претставници во Советот. Наместо да се вклучат активно во расправата и донесувањето на буџетот на општината и развојните програми за 2010 година, што претставува нивна законска и статутарна обврска, тие решија да бидат сценографија во една лошо режирана циркуска претстава од страна на нивните партиски налогодавачи и ментори. Според однапред утврденото и договорено сценарио, координаторот на советничката група на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ Борис Стефаноски најнапред ја злоупотреби говорницата во општинскиот совет, изразувајќи ја нивната наводна загриженост за семејствата чии домови беа поплавени. За тоа време, пратеникот Грозданов, од неговиот автомобил, паркиран пред општинската зграда, по телефон им издаваше партиски наредби и директиви да ја напуштат седницата. И според театарските и циркуските критериуми, ваквото сценарио е многу провидно, наивно и препознатливо за сите наши граѓани. Се прашуваме – дали паричниот надомест што го добиваат советниците од ВМРО-ДПМНЕ за нивната работа во Советот од парите на народот, им следува за нивната работа како советници или како партиски војници и послушници на една група несовесни и самобендисани нивни високи партиски и политички функционери?!

А за нивната наводна загриженост и сочуство со оштетените сограѓани, не вреди да се трошат зборови. Да не беше целава оваа изрежирана ујдурма трагична, ќе беше многу смешна. Каде беа пратеникот Грозданов, актуелниот претстедател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид Стефаноски и другите советници од нивната советничка група, кога нашите сограѓани се бореа со водената стихија во нивните домови?! Зошто нивната наводна загриженост и сочуство не ги искажаа со нивното лично присуство и ангажман во критичниот момент, вечерта и во раните утрински часови, кога дел од советниците на СДСМ и нашите коалициони партнери лично се справуваа со проблемите од водената стихија?! Зошто нивната наводна загриженост и сочуство не ги искажаа наредниот ден со нивното лично присуство и ангажман, кога стручните служби од локалната самоуправа се справуваа со последиците од водената стихија?! Зошто мораа да го чекаат почетокот на најважната седница на Советот во оваа година, за да ја искажат нивната наводна загриженост и сочуство, користејќи го присуството на јавните медиуми во општинската зграда, со предумисла дека сега е дојден моментот за собирање на политички поени?!

Граѓаните на Охрид точно знаат дека одговорноста за излевањето на реките Даљан, Грашница, Коселска, Вапилска и Скребатска, од нивните речни корита, лежи само и исклучиво во крајно игнорантскот однос на централната власт кон нашата општина. Како е можно релевантните водни стопанства непречено да делуваат во општините, каде што градоначалниците се од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, и каде што речните корита и канали редовно се чистат од страна на централната власт?! Да е нивната контрадикторност уште поголема, тие самите изјавија дека релевантна државна комисија ќе дојде да изврши увид на лице место и проценка на штетите, што всушност претставува нивна законска обврска и должност. Но, за нив тоа воопшто не е важно. За нив не е важно нивните советници да ги почитуваат законските и статутарните одредби, за што положија заклетва пред сите наши сограѓани. За нив не е важно што општинскиот буџет и развојните програми од сите сфери на општественото живеење во Охрид се од круцијална важност за животот и иднината на 60 илјади жители. За ВМРО-ДПМНЕ од Охрид е важно само да се нападне и омаловажи локалната власт и градоначалникот, само да се соберат неколку ситни политички поени, само да се направи уште еден театрален политички маркетинг во нивни стил. Ете, тоа е најважното за ВМРО-ДПМНЕ од Охрид. Но, овој пат, без никаков срам и намус, се дрзнаа сето тоа да го направат служејќи и искористувајќи ја туѓата лична несреќа на неколку наши оштетени сограѓани. Ако е и од ВМРО-ДПМНЕ, многу е“. – се вели во соопштението на ОО СДСМ Охрид.

Ohridnews