Општинската организација на Социјалдемократскиот сојуз од Охрид ги отфрла обвинувањата упатени од советниците на ВМРО ДПМНЕ – Охрид, до нејзината советничка група во Советот на општината Охрид и градоначалникот на општината Александар Петрески, за наводната распродажба на општинскиот имот, за потребите на јавните претпријатија.

Охридските социјалдемократи сметаат дека политиката што ја водат советниците од СДСМ и коалиционите партнери се во функција за потребите на Охрид и неговите граѓани за подобрување на квалитетот на живеење и унапредување на човечките вредности, со што на советниците и на градоначалникот им даваат целосна поддршка на нивните исправни одлуки.

-По лицемерната прес конференција на советничката Дамоска Секулоска од ВМРО ДПМНЕ, останува впечатокот дека, оваа партија од петни жили настојува да ја освои власта во Охрид, неводејки сметка притоа за интересите на граѓаните. Тие како централна власт, толку сите нас не задолжија што ќе плаќаме не само ние туку и идните генерации, и сега е демагошки да се критикува нешто што е нормална појава во секојдневното работење на една фирма да се покрива со кредит без разлика каков е, па и ваков хипотекарен. На крајот на краиштата охридските јавни претпријатија не се од СДСМ, тие се на сите граѓани на Охрид и за сите нив, без разлика на национална, верска, партиска и друга припадност и се грижат за јавните добра на Охрид. Затоа упатуваме порака до ВМРО ДПМНЕ, во иднина да не излегува со вакви и слични небулози заради дневно политички поени, ако му мислат добро на градот, во спротивно ке сватиме дека советниците од оваа партија во општинското собрание само ги спроведуваат наредбите од нивната централа во Скопје, се вели во реакцијата на охридските социјалдемократи

Оттаму велат дека безрезервно ги поддржуваат одлуките на Советот на општина Охрид, и работата на градоначалникот Петрески, кои, како што стои во соопштението, и покрај опасните опструкции на централната власт на ВМРО ДПМНЕ, постигнува значајни резултати на сите полиња.

OhridNews