Опозициската СДСМ, според најавите, денеска треба да отпочне да ги обелоденува доказите за, како што тврди партијата, „незаконско прислушкување на илјадници граѓани, за целосна контрола и злоупотреба на сите државни институции во партиски и изборни цели, за злоупотреба и груби нарушувања на изборниот процес, вклучувајќи криминал и корупција во највисоките ешалони на власта“.

Одлуката за објавување на таканаречената „бомба“ ја донесе Централниот одбор на партијата на седницата што се одржа во петокот.

Лидерот СДСМ Зоран Заев, заедно со уште три други лица, меѓу кои и поранешниот шеф на тајната полиција Зоран Верушевски, е осомничен за „шпионажа и насилство врз високи државни претставници“ во полициската акција „Пуч“. За истото кривично дело од синоќа во притвор се уште две лица, актуелен и поранешен полициски службеник кои Власта, заедно со останатите, ги обвинува дека соработувале со странски разузнавачки служби.

OhridNews