
Со Акцијата што започна 4 јуни 2010 година опфатена е реката Сатеска каде покрај чистењето на коритото, изграден е нов канал кој ги спојува старото и новoто корито кај селото Велмеј, а исто така поправен е и испустот преку кој во случај на зголемен водостој оваа река ќе се пренасочува во Црн Дрим.


Покрај Сатеска ќе се чисти и коритото на реката Коселска во должина од 6 километри, како и реката Грашница во должина од 1,5 километри.
Исто така во соработка со локалната самоуправа ќе се реализира и проектот за пренасочување на реката Грашница во Коселска река, со што според надлежните ќе се намали опасноста од поплави во градските подрачја, но и ќе се намали загадувањето на Охридското Езеро.

За ова денеска се разговарало на средбата со градоначалникот на Општина Охрид и претставници на локалната самоуправа на која присуствуваше и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Шабан Селиу.
Тој најави дека акцијата за чистење на речните корита ќе продолжи до ноември, но и во наредните години, напоменувајќи дека единствено правилно решение во иднина да се избегнат поплави во одредени градски подрачја е системско чистење на коритата на реките и одводните канали.

Селиу истакна дека по усвојување на извештајот за штетите од неодамнешните поплави во охридско, што се очекува да биде направено на наредната седница на градскиот Совет закажана за понеделник, Владата ќе пристапи кон обештетување на граѓаните.
– Во зависност од висината на штетата макслималниот износ е 30 %, а граѓаните доколку сакаат стопостотна заштита треба да ги осигуруваат своите имоти, додаде Салиу.











