Јавното претпријатие за државни патишта во наредниот период ќе ја докомплетира проектната документација за изградба на автопатот од Гостивар до Кичево, објави build.mk. Во тек е оглас за оваа цел, а понудите од заинтересираните фирми може да се доставуваат до 12 февруари.

Во меѓувреме, Владата во претстојните месеци ќе избере концесионер за изградба на оваа автопатска делница од Коридорот 8. Предвидено е приватниот партнер да управува со патарините на потегот од Скопје до Охрид, а за сметка на значајната финансиска придобивка, тој да инвестира во изградбата на делницата од Гостивар до Кичево. Пред еден месец, Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески во новогодишното обраќање истакна дека по изготвувањето на документацијата за издавање под концесија на автопатот, во првиот квартал од 2015 година ќе биде објавен повик за пронаоѓање на концесионер.

Премиерот Никола Груевски во предновогодишното гостување на една од националните телевизии истакна дека постои интерес од странски компании за учество на претстојниот оглас. Тој наведе дека се работи за крупна меѓународна компанија, која посочила дека ќе се пријави на претстојниот повик. Македонската влада во 2012 година ја избра меѓународната консултантска куќа International Finance Corporation за обезбедување совети и изработка на студии и анализа на проектот за изградба, одржување и наплата на патарини на Коридорот 8.

OhridNews

Извор: build.mk