Бројот на првачиња во Охрид од година во година се намалува. Според податоците на локалната самоуправа во учебната 2009/10 година во осумте основни училишта во Охрид и Дебрца во прво одделение се запишале 500 ученици, или 110 помалку од минатата година кога тој број изнесувал 610.

Негативниот тренд во охридско трае со години, а ништо подобро не е ниту во другите македонски општини. Податоците недвосмислено говорат за намалениот наталитет во  Охрид, кој се отсликува и според бројот на новороденчиња кој е во опаѓање.

Инаку според официјалните податоци за запишани ученици во новата учебна година, најмногу првачиња ќе седнат во училишните клупи во ОУ „Христо Узунов“ – 122, „Григор Прличев“ – 112, „Братство-единство“ – 85, а најмалку во ОУ „Свети Наум Охридски“ во Пештани – 17 и  ОУ „Свети Климент Охридски“ во Охрид -27 првачиња. Во сите училишта на подрачјето на Дебрца бројот на првачињата изнесува вкупно 22.

Почетокот на новата учебна година во Охрид утре симболично ќе биде означен со свеченост што ќе се одржи во ОУ „Григор Прличев“.

Ohridnews