Се одложува примената на последните измени на Законот за високо образование за една година. Ова било договорено на средбата во Владата  помеѓу претставници на Универзитетот Свети Кирил и Методиј во чија што делегација беа и претставници на Професорскиот и на Студентскиот пленум, и претставници на Владата на Македонија предводени од претседателот на Владата,  Никола Груевски, министерот за образование и наука, Абдилаќим Адеми и заменик министерот за образование и наука,  Спиро Ристовски, соопштуваат од Владата.

„На средбата и двете страни изразија подготвеност за одложување на примената на последните измени на Законот за високото образование за една година, меѓу кои што и одложување на спроведувањето на државниот испит за една година и за спроведувањето на обврската за објавување на научни трудови во списанија со импакт фактор за две години. Во меѓувреме, беше договорено во периодот што следи да продолжи дискусијата на ниво на работни групи од двете страни во насока на подобрување на пакетот закони за реформи во високото образование, односно носење на нов закон за високо образование“, се вели во соопштението на Владата.

Во соопштението владата се изразува подготвеност низ поширок транспарентен и инклузивен процес заедно со релевантните чинители заеднички да се работи на градење на квалитетен систем на високо образование.

Од Студентскиот пленум на социјалните мрежи излегоа со став дека не било ништо договорено, туку дека се работело само за понуда.

„Студенти, денес ништо не беше договорено, туку премиерот излезе со понуда. Дали ќе се прифати ќе одлучат сите студенти заедно!“, се огласи Студентскиот пленум на Твитер.

OhridNews

извор Макфакс