Во просториите на општинската зграда, денес, се одржа јавна расправа со цел да се разгледаат можностите околу евентуалните измени на законот за туристичка дејност во кој стои дека за објект кој располага со најмногу  дваесет легла може да се издаде само едно решение за вршење на угостителска дејност од мал обем, односно само едно лице може да ја врши оваа дејност.

Целта е да ги слушнеме и двете страни-институциите кои го третираат законот и хотелиерите и приватните станоиздавачи и да најдеме некое предлог решение кое ќе го предложиме до надлежните институции за да биде разгледувано.При тоа, да се почитува законот,а од друга страна да се избегне и појавата на нелојално работење,вели раководителот на секторот за локален економски развој, Ѓоко Апостолов,кој изрази надеж дека проблемите ќе бидат решени пред почетокот на идната туристичка сезона.

До сега остварени се неколку средби помеѓу станоиздавачите и претставниците на ТЛЕР со цел да се изнајде решение за проблемот. Во месец јули охридските станоиздавачи реагираа поради тоа што надлежните не им издаваат нови, ниту пак им ги продолжуваат решенијата за категоризација. Како што тогаш беше објаснето од страна на Апостолов, проблемите настанале затоа што издавањето на нови решенија, односно продолжување на оние кои биле издадени пред три години, се коси со законот за угостителска дејност.

По реакциите од станоиздавачите и ТЛЕР од страна на хотелиерите беше кажано дека законските одредби со кои е забрането да се се издаваат станови на туристи во колективни станбени згради, на сила се веќе 11 години. Според нив, спорно е и досегашното издавање на одобренијата, како што велат, спротивно на законските прописи.
Во општина Охрид регистрирани се 420 станоиздавачи.

OhridNews