Во тек е реализиација на два клучни инфраструктурни проекти во Општина Дебрца, реконструкција на локален пат од село Мешеишта до село Волино и реконструкција на улица во с. Волино до манастирот „Св. Петка“. Во увид на градежните работи на терен беа премиерот Христијан Мицкоски, министерот за транспорт Александар Николоски и градоначалникот на Општина Дебрца, Златко Сиљаноски.
Правиме увид на два клучни инфраструктурни проекти, едниот проект е од село Мешеишта до село Волино во должина од 2120 метри или во вкупен износ од 15,5 милиони денари, финансии коишто се обезбедени од Министерството за транспорт и врски преку проекти за поддршка на општините, инфраструктурни проекти. Вториот проект во село Волино, имаме реализација на инфраструктурен проект, исто од сред село на село Волино до црквата Света Петка, којшто чини 4,7 милиони денари и е во вкупна должина од 700 метри. Како локална самоуправа учествуваме во инфраструктурни уредувања, партнерно уредување на истиот патен правец, којшто чини негде околу 2,7 милиони денари. Ова се значајни инфраструктурни проекти коишто се реализираат денес на територија на Општина Дебрца. Она коишто го ветивме пред граѓаните денес го претвораме во дело, со помош на Владата на Република Македонија, со помош на Министерството за транспорт и врски, а воедно и ние како локална самоуправа од основниот буџет имаме одвоено 24 милиони денари со што во Општина Дебрца правиме една градежна инвазија каде што се работи во повеќе населени места, рече Сиљаноски.
Проектот во селото Волино го работевме заедно со Општина Дебрца, со поддршка на Светска банка, преку една проектна линија којашто ја имаме обезбедено од Светска банка и којашто значи завршување на локални улици низ многу населени места во државата, рече министерот Николоски.
Претходно бевме на влезот на село Мешеишта. Кога бил правен проектот за автопатот Охрид – Кичево, за жал не биле предвидени ниту пристапни патишта, паралелни патишта, клучки, потпатници, надпатници. И на тој начин најголем дел од селата коишто се одлеваат и од десната страна на автопатот требаше да бидат отсечени и од Охрид, и од Струга, и од Кичево, и од Скопје. Ние решивме тоа да го корегираме. Испроектиравме паралелни патишта и пристапи во должина од 18 километри. За долниот дел од автопатот, од потегот којшто е од Пресека до Охрид, мораше да бараме согласност и од Комисијата за УНЕСКО. Во изминативе шест месеци работевме и со нив, добивме согласност и веќе можете да видите дека пристапот кон населените места, во случајов кон Мешеишта, почнува да се работи. А онаму каде што завршува пристапот, ќе продолжи општината, така што ќе добиеме едно модерно патно решение коешто нема само да значи спој за ова населено место, туку ќе значи и спој за Општина Струга и селата коишто гравитираат кон Општина Струга, рече Николоски.
Со онаа политика на поддршка на општините и реалокација на средства од централниот буџет кон општините, во моментот се завршени, се завршуваат или отпочнуваат повеќе од 1200 проекти, рече премиерот Христијан Мицкоски.
Ова е нешто што досега се нема случено, кога на тоа ќе се додадат и сите останати капитални инвестиции, доаѓаме навистина до импресивен начин на на водење и реализација на капиталните инвестиции. Очекувам дека сите овие проекти кога ќе ја добијат својата финална контура, кога ќе добијат оној облик којшто го очекуваме, со нив драматично да се подобри квалитетот на живот и додадената вредност во рамките на животот на сите граѓани, потенцираше Мицкоски.
Воедно, додаде дека автопатот Охрид-Кичево очекува да биде пуштен во употреба најдоцна во првиот квартал на следната година.
Фото галерија:
Се реализираат клучни инфраструктурни проекти во Општина Дебрца
Н.С.Ј./Г.М.



























