Општински инспекциски екипи во текот на изминатите два дена извршиле увид кај заградениот простор пред хотелот Славија Спектар.

При тоа било утврдено дека е извршена узурпација на крајбрежниот простор, но останува да се испита кој ја извршил- дали актуелниот сопственик на хотелот, индискиот милијардер Субрата Рој или пак екс газдата на објектот.

Портпаролот на локалната самоуправа, Томе Џамтоски изјави дека согласно утврдената состојба на терен, ќе бидат преземени активности за отстранување на оградата и ќе биде поднесена соодветна пријава против оној кој ја извршил узурпацијата.

Инспекциските екипи излегоа на терен откако на последно одражаната седница од страна на советниците беше побарана информација за тоа што се случува пред хотелот Славија Спектар . Од страна на секретарот Димитар Спасески беше кажано дека инспекцијата веднаш ќе излезе на терен и дека доколку се утврди дека е постапено надвор од пропишаниот проект за оградување на плажата, ќе бидат преземени соодветни мерки.

Хотелот „Славија Спектар“ пред една година беше купен од страна на индискиот милијардер Субрата Рој кој првично најави дека во објектот ќе бидат сместени архитектите и инженерите и другите членови на тимот кој ќе работи на изградба на луксузниот туристички комплекс „Сахаријан Македонија“ во Љубаништа.

OhridNews