Во буџетската 2019 година ќе биде напуштен моделот на рамен данок и се воведува прогресивно оданочување најавија денеска на заедничка пресконференција министерот за финансии, Драган Тевдовски и министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, кои ја промовираа даночната и пензиско-социјалната реформа.

Преку напуштање на политиките на рамен данок и воведување на прогресивно праведно даночење во буџетската 2019 година се планира да се соберат околу 25 милиони евра во буџетот со кои ќе се финансираат мерки за намалување на сиромаштијата односно за спроведување на минималниот гарантиран приход со кој ќе се извлекуваат луѓето од сиромаштија и ќе се активираат на пазарот на трудот, најавија владините министри.

Со даночната реформа се планира воведување на дополнителна стапка од 8% за делот од доходот кој надминува 90.000 денари месечно. Ова значи дека за доходот до 90.000 денари месечно, данокот би останал 10% како и до сега, додека само на делот на доходот кој надминува 90.000 денари, би се плаќале дополнителни 8%.

Корист од рамниот данок имаат само најбогатите. Тој беше воведен во Македонија да им служи на малкумина кои заработуваа многукратно повеќе од најголемиот дел од граѓаните. Тој им дозволи на најбогатите да се богатат уште полесно, оставајќи го мнозинството да се мачи да ги задоволи своите основни потреби за живот. Праведниот данок и оди во прилог на целата економија и на сите граѓани. – истакна министерот Тевдовски.

Тевдовски објасни дека прагот од 90.000 денари ги опфаќа 1% од најдоходовните граѓани во Република Македонија за кои рече дека имаат даночна ефективна стапка која е пониска од онаа на останатите граѓани, заради што всушност и се воведува праведното оданочување бидејќи како што рече не е фер оние што добиваат од општеството најмногу, да плаќаат најмалку.

Предлагаме воведување дополнителна стапка од 8% за делот од доходот кој надминува 90.000 денари месечно. Ова значи дека за доходот до 90.000 денари месечно, данокот би останал 10% како и до сега, додека само на делот на доходот кој надминува 90.000 денари, би се плаќале дополнителни 8%. На пример, на месечна даночна основа од 100.000 денари, за 90.000 денари ќе се плаќа данок по стапка од 10%, додека за 10.000 денари ќе се плаќа данок по стапка од 18%. – истакна министерот Тевдовски и порача дека за мнозинството граѓани даночната стапка ќе остане иста.

Министерката за труд и социјална политика најави сет на мерки за стабилизација на пензискиот систем. Таа рече дека со средствата од фер даноците ќе се финансира мерката минимален загарантиран приход со која практично на примателите на социјална помош им се зголемува социјалната помош за 300%.

Со оваа мерка директно влијаеме за намалување на сиромаштијата кај најранливите категории, но исто така создаваме и група на граѓани коишто ќе можат да бидат активирани и вклучени на пазарот на трудот, она што и е потребно на македонската економија. Дополнително воведовме образовен и детски додаток за повеќе од 60.000 деца затоа што детската сиромаштија е најскапа сиромаштија и Македонија не може да си ја дозволи истата. – истакна Царовска и додаде дека детски и образовен додаток ќе можат да користат и вработените лица што работат за минимална плата.

Во однос на реформата во пензискиот систем, министерката Царовска рече дека се работи на стабилизација на пензискиот систем и нагласи дека нема да има зголемување на старосната граница и нема да има замрзнување на пензиите, а ќе се интервенира со цел да се стави под контрола буџетскиот дефицит во ПИОМ кој за 10 години се зголеми за 150% заради несоодветни политики“, Ќе се решат проблемите со нееднаквоста на пензиите на сегашните и идните пензионери и нееднаквата распределба во двостолбниот пензиски систем.

OhridNews